Македонија
30. јуни 2022 - 19:45

Пристигна модификуван француски предлог, владата најавува широк консултативен процес

Нов, изменет предлог за надминување на спорот, кој треба да донесе напредок на европскиот пат за Македонија денеска стигна од Париз.

Веста ја соопшти Макрон. Францускиот претседател порача дека е убеден дека ќе се надмине и последната пречка за почеток на преговори.

На Макрон се надоврза и претседателот на европскиот Совет.

“Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија. Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да”, напиша на Твитер Шарл Мишел.

Време е за напред – порача и официјален Берлин.

„Западниот Балкан не само што е во срцето на Европа, туку се наоѓа и во моето срце. Неговата иднина мора да е во ЕУ. Компромисот претставен од француското претседателство за почеток на преговорите со Северна Македонија е шанса која не смее да биде пропуштена. Можноста треба да се зграпчи бидејќи е од стратешка важност и за ЕУ и за Северна Македонија. Сега е време да тргнеме напред“, вели шефицата на германската дипломатија Бербок.

Кои се измените во новиот предлог засега не се соопштува. Покрај официјалната потврда дека тој е пристигнат на Илинденска, се вели дека одлуката ќе се носи по широки советувања кои ќе ги вклучат сите – од политичкиот врв до севкупната јавност во земјата.

“Овој предлог, при чие изготвување се земени предвид нашите позиции и барања, ќе биде ставен на широк консултативен процес. Консулатции во следните денови ќе се прават во Владата, со политичките партии, со Претседателот на државата, Парламентот, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. По овие консултации ќе се донесе одлука во однос на предлогот. Како што ветивме и наспроти шпекулациите на опозицијата, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички согласно стратешките интереси на земјата и на сите наши граѓани”, се изјасни премиерот Ковачевски на ФБ.

Браќа Македонци прифатете, реакција стигна и од Тирана.

“Последниот француски предлог, кој е и конечен, и дава можност на Северна Македонија за безусловен пристап и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Европската Унија! Им велам на браќата Македонци и Албанци во Северна Македонија: Прифатете!”, сугерира Рама на Твитер.

Што содржи новиот текст не кажува ниту Софија. Во земјата која е зафатена со политичка криза и која најверојатно и претстојат нови избори, засега се пренесува само изјавата на Макрон, во која тој вели дека Радев и Петков рекле ДА за новиот француски предлог.