Природонаучниот музеј - Скопје ќе се модернизира и дигитално збогатува

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети Природонаучниот музеј - Скопје, каде заедно со генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје Хрисула Кутуди и директорот на оваа национална установа потпишаа Меморандум за соработка, со кој ќе се овозможи модернизација на музејот.
Министерот Љутков истакна дека денеска се формализира значајното тригодишно стратешко партнерство меѓу Министерството за култура и туризам, Природонаучниот музеј - Скопје и Стопанска банка АД – Скопје. Изрази благодарност до Стопанска банка што ја препозна важноста на оваа мисија и иницијативата на директорот за Природонаучниот музеј да добие нова современа форма на изразување, која ќе биде важна за младите и за нас.
- Нивната посветеност и визија ни овозможуваат заедно да почнеме процес на суштинска модернизација и дигитално освежување на оваа институција, токму во пресрет на нејзиниот 100-годишен јубилеј. Со овој Меморандум поставуваме пример за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, за иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат, од „Магичната соба“, до подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители, потенцира Љутков.
Најави дека Министерството останува целосно посветено на обезбедување институционална поддршка и создавање услови во кои ваквите партнерства ќе продолжат да растат.
Директорот на Природонаучниот музеј во Скопје Ивица Заркадов изрази благодарност до Стопанска банка АД - Скопје за нивната значајна донација од 150.000 евра која, како што рече, беше понудена од нивна страна препознавајќи го значењето на музејот и вложувајќи во новата модернизација и развој.
- Со овие средства музејот ќе ги обнови влезниот портал и холот, ќе ја изгради првата интерактивна соба, т. н. MAGIC ROOM, која првпат ќе ја имаме во Македонија и во која посетителите ќе доживеат вистински времеполов. Ќе отпатуваат на најнеобичните места од денешницата и праисторијата. Ќе го видат настанокот на светот, ќе се сретнат со праисториски животни и инсекти и ќе нурнат во најдлабоките океани. Исто така ќе ја модернизираме и веб-страницата, овозможувајќи виртуелни прошетки, купување онлајн билети, пристап до сите информации во музејот, како и до сите периодични списанија кои ги издава музејот, информира Заркадов.
Тој информира дека во изминатите години музејот го посетувале од 10 000 до 14 000 посетители годишно. Со имплементацијата на овој проект очекуваат посетата најмалку двојно да се зголеми и музејот да стане еден од најпосакуваните во земјата, како за учениците и младите, така и за туристите кои ја посетуваат Македонија.
- Овој проект доаѓа во период кога музејот се подготвува да го одбележи големиот јубилеј – 100 години постоење во 2026 година. Сакам да нагласам дека во целото столетие од нашето работење, ова претставува прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда. Убеден сум дека примерот на Стопанска банка АД - Скопје ќе биде силен поттик и инспирација за многу други општествено одговорни компании да го следат нивниот чекор и да вложуваат во развојот на културата, зачувување на природата, науката и јавниот интерес, потенцира Заркадов. Упати благодарност до Министерството за култура и туризам и до министерот Љутков за поддршката и најави иновации и модернизација.
Генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје Хрисула Кутуди рече дека се посветени на новото партнерство со овој музеј и со Министерството за култура и туризам.
- Стопанска банка негува долга традиција на поддршка на образованието, науката и на јавните институции. Се надевам дека со ова партнерство ќе придонесеме за нови интерактивни и импресивни искуства за илјадниците деца кои го посетуваат музејот секоја година, продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век. Им благодарам на Министерството за нивната насока и поддршка и на тимот на музејот за нивната енергија и инспирација во соработката со нашиот тим. Со нетрпение очекувам да се сретнеме повторно тука на отворањето на новите дигитални поставки, изјави Кутуди.
МИА
Ново на Сител
-

Милошоски: До Македонија официјално нема барање за азиланти или мигранти, дури и ако има категорично би било одбиено
-

Јовевски: Скратувањето на работното време е неизбежна иднина
-

Зеленски: Секаков компромис со Русија мора да биде потврден со избори или референдум
-

Ѓорѓиевски: Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд, немаат дозвола за вршење дејност
-

Осомничениот за убиството на Чарли Кирк денеска треба првпат да се појави пред суд
-

Во Центар Жупа изградено првото детско игралиште
-

Одбраната на обвинетите пазарни инспектори за случајот „Пулс“ тврди дека се пласираат неточни информации за институционалната одговорност и правниот статус на објектот
-

Бугарската влада на Росен Желјасков поднесе оставка по жестоките протести поради законот за буџет
