Прилепски театар 70 години, се обезбедува документацијата за доградба на Домот на културата за потребите на театарот
Со премиерата на комедијата „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, синоќа на матичната сцена, Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ го одбележа 70-годишното постоење. Публиката со овации за ансамблот и за премиерата го честиташе јубилејот, а заменик-министерот за култура Владимир Лазовски на ансамблот на Театарот му најави дека во скора иднина ќе ги има вистинските услови за работа со надградбата на Домот на културата „Марко Цепенков“.
-Конечно е започната постапката за обезбедување документација што ќе овозможи реконструкција со надградба и доградба на објектот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а се однесува на потребите на театарот. Со тоа, ве уверувам дека овој талентиран и пожртвуван ансамбл, во скора иднина ќе ги има вистинските услови кои ќе бидат на нивото на нивниот врвен уметнички професионализам, рече Лазовски од матичната сцена на прилепскиот театар честитајќи го големиот јубилеј на ансамблот нагласувајќи дека е еден од најрепрезентативните во земјава и во Регионот и дека кога се зборува за Македонскиот театар, во голем дел се зборува за заслугите на Прилепскиот театар.
-Оваа сцена е драгоцено место кое со генерации се чува и се надоградува. Од почетоците до денес, Прилеп, со бројните заслужни прилепчани кои се дел од втемелувачите на современиот театар, покажа дека има јасно дефинирана оска која овој град со право го бележи како еден од најтеатарските во земјава. Бројни автори имаа шанса, на оваа сцена, да ги реализираат своите проекти со кои, потоа, стигнаа далеку во меѓународни рамки, афирмирајќи го Македонскиот театар меѓу театрите од целиот свет, рече Лазовски.
За Рубин Белчески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки работи театарот огромни се успесите на Театарот кој копнее да го врати правниот статус и да добие нов објект во што верува.
– Од сите уметности само театарот е директен посредник со културата. Театарот потребно ни е да биде различен, а нашиот театар низ децениите беше различен. Горди сме што тука праизведби доживеале текстови од македонски драмски автори: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески Платнар, Трајче крстески, Василе Димески, Петар Петрески. Од 2004 театарот работи во рамките на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Сега има интенција да биде посебен правен субјект, што е и желба на актерите, а другата желба на ансамблот да игра на нова сцена. Верувам дека тоа ќе се случи. Дотогаш им посакувам успех на „штиците што живот значат“, рече Белчески.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, смета дека бројните награди што прилепскиот театар и актерите ги освојувале на домашните и меѓународните фестивали, на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, на „Екс Понто“ во Љубљана на МЕСС во Сараево, го потврдуваат квалитетот на оваа театарска куќа.
-Денеска, 18-те актери од театарот „Војдан Чернодрински“ сочинуваат тим кој во моментов претставува врв во македонското глумиште. Податокот дека претставите на прилепскиот театар во изминатите 70 години ги виделе повеќе од 1,5 милиони луѓе, зборува и за нешто друго: за прилепската публика која го сака и го познава театарот, рече Јованоски.
Актерите со голем ентузијазам и горди на јубилејот ја одиграа премиерата на комедијата „Лажговци“ по текст на Антони Нелсон во режија на Коле Ангеловски кому ова му беше 36 премиера со прилепскиот ансамбл.
Вечер, на денот кога на 18 февруари 1950 година беше одиграна првата претстава во приелпскиот театар „Кир Јања“, помладата генерација актери со групата „The Hounds“ на матичната сцена ќе го изведе музичко-сценскиот спектакл кој според актерите е израз на нивниот сензибилитет и дека уметноста постои и се усовршува, макар и во скромни услови.
До недела, секојдневно во театарот ќе се изведува по една претстава во чест на јубилејот 70 години постоење на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
Ново на Сител
-
Пазарните инспектори на терен, Владата најавува можност за ограничување на маржите
-
Во Собранието ќе заседаваат две комисии
-
Бајден побара од Пентагон да продолжи со своите активни испораки на оружје за Украина
-
Најмалку 10 лица загинаа во израелски напади во Појасот Газа
-
Јапонската национална авиокомпанија е погодена од кибер напад
-
Забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато и на патот Тетово – Попова Шапка
-
Облачно и студено со повремени врнежи од дожд и снег
-
Кумановец чувал елени во штала без одобрение и дозвола - Следува кривична пријава