Македонија
2. December 2020 - 12:19

Прилеп лидер по негативен природен прираст

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, Прилеп е лидер во државава по негативен природен прираст во третото тромесечие од 2020 година. Во овој период во Прилеп  се родени 154  бебиња, а починале 240 лица, од кои едно е новороденче, со што природниот прираст  е – 86. Освен Прилеп и сите останати пелагониски општини се со негативен природен прираст. Битола како најголем град во овој регион има природниот прираст – 61, односно во третото тримесечје од 2020 се родиле 207 бебиња, а починале 268 лица.

Во Ресен се родиле 27 бебиња, 66 лица починале, природниот прираст е - 39. Демир Хисар се родиле 10 бебиња, починале 44 лица, природниот прираст е -34. Најдобро некако стои Крушево каде се родиле 22  бебиња, починале 23 лица, природниот прираст е -1. Ништо подобро не е ниту во руралните средини каде во Општина Могила се родиле 8 бебиња, а 24 лица починале, во Новаци пак има 6 новороденчиња, а 10 починати. -7 е природниот пристат во општина Кривогаштани каде се родиле 14 бебиња, а 21 лице починало.

И на ниво на држава природниот прираст е негативен -278 лица, односно бројот на живородените во третото тримесечје од 2020, во споредба со истиот период лани е намален за 5.2 % и изнесува 5.141 живородени деца. Бројот пак на починатите лица во третото тримесечје од 2020 година бележи зголемување од 15.3 % во споредба со истото тримесечје од 2019 и изнесува 5.419 лицa. Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 12.9 % во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 3 768 бракови. Во ова тримесечје се добиени 357 извештаи за разведени бракови што претставува зголемување од 8.5 % во споредба со истото тримесечје од 2019 година.