Бизнис
16. August 2018 - 20:55

Прилеп ќе се гасифицира за 7 години

Од Општина Прилеп велат дека за 6 до 7 години се очекува градот да добие примарна гасоводна мрежа. Изградбата на трасата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола моментално била стигната до преминот Плетвар. За околу 2 години се очекувало таа да поминува покрај Прилеп, а потоа да се започне со изградба на примарна гасоводна мрежа долга 20 км. инвестиција која според првичните проценки би чинела околу 4 милиони евра. Бенефитот први би го почувствувале јавните институции и бизнис секторот, а потоа домаќинставата.

„Изградбата на дистрибутивната мрежа низ градот, тие имаат можности веднаш да бидат приклучувани, со оглед на тоа што системот на градење е таков да секоја фаза, секој метар изграден ќе биде пуштен во корист. Домаќинставата кои гравитираат на ова мрежа од 20 километри може да имаат веднаш. Понатаму ќе се прават посебни други проекти, за целата територија на градот, за да може секое домаќинство да се приклучува“, изјави Кирил Настески, надворешен соработник на Општина Прилеп за гасификацијата.

Моментално еден приклучок за домаќинство чинел околу 500 евра. Се размислувало во идинина дел од таа сума да биде субвенционирана. Инаку сите јавни фирми од Прилеп со нетрпение очекуваат градот конечно да добие гасоводот.

„Во овој период речиси сите училишта се со застарени системи за загревање, кои трошат големо количество на нафта, а и еколошкиот аспект не е на она ниво кое што е потребно“, Диме Настески, директор на гимназија „Миирче Ацев“ – Прилеп.

„Гасот е поефтин од мазутот и со тоа и болницата значителни средства ќе заштеди со примената на гасот во затоплувањето“, вели Драган Богоески, директор на општа болница Прилеп.

Гасоводната траса Неготино-Прилеп-Битола е со должина од 92. км, а нејзиината изградба првично требаше да чини околу 36 милиони евра.