Пријателите на Шара реагираат на изградбата на патишта во месноста Лешница
Претставници од невладини организации и физички лица од Полошкиот регион и Скопје, познати како платформа „Пријатели на Шара“ којашто лобира Шар Планина да стане национален парк денеска остро реагираа за последните случувања на планината и пробивање на два пата сосекој со по должина од околу три километри во уникатниот пејсажен реон од Шар Планина – месноста Лешница.
„Пријателите на Шара“ сметаат дека изградба на патишта со употреба на булдозери и друга тешка механизација во срцето на идниот парк, односно зоната којашто во иднина треба да биде строго заштитена зона во паркот е апсурдно и загрижувачко за живиот свет на планината.
- Наместо сите заедно да работиме за заштита на планината во последните 20-тина дена овој предел се уништува со изградба на патишта. Платформата не е запознаена дали патиштата кон Горна Лешница и Џинибег се изградени плански и дали поседуваат елаборат за влијанието врз животната средина. Сметаме дека постоењето на вакви патишта ќе биде закана за живиот свет на Шара, особено она што остана од дивите кози, но и за крупните ѕверови како волкот и мечката, изјави Јован Божиноски, член на платформата Пријателите на Шара и претседател на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.
Според „Пријателите на Шара“, штетата нанесена од овие патишта е ненадоместлива и освен што се закана за биодиверзитетот, со нив се уништени голем дел од уникатните планински патеки, пејсажната и туристичката вредност на локалитетот. Со овој потег, според нив, вредноста на туристичката понуда на Шар Планина во регионот и во Македонија е намалена и веќе никогаш нема да е иста.
Платформата во изминатите три години го испитуваше и јавното мислење и расположението на локалното население во врска со прогласувањето на Шар Планина за национален парк.
-Од нашата досегашна работа, добивме позитивни сигнали од локалното население во врска со идното прогласување на паркот. Тоа го покажа и истражувањето што го спроведовме пред една година, коешто покажа дека дури 83 отсто од локалното население нема против Шара да стане национален парк. Бидејќи идниот парк треба да поседува и вредности за заштита апелираме градењето патишта на Шар Планина да престане, бидејќи природата не простува и овој предел е значаен за заштита, изјави Метин Муареми, член на платформата „Пријатели на Шара“ од невладината организација Центар за едукациоја и развој од Теарце.
Лешница е едно од најзначајните места на Планината од пределски аспект, геоморфолошки, геолошки и е богата со биодиверзитет. Овој предел во идното заштитено подрачје, според повеќе експерти, треба да влезе во строго заштитена зона. Според професорот Љупчо Меловски од Природно-математичкиот факултет во Скопје, Лешница е најважниот предел за заштита на Шар Планина од повеќе аспекти.
-Таму се единствените смрчеви, смрчево-елови и елови шуми кај нас, таму се варовничките карпи кои поддржуваат многу значајни видови и популации. Досега од Шара во 80-те години исчезна последниот брадест мршојадец, тоа е најголемата птица и најзначајна во Европа, потоа исчезна во 90-тите години и балканскиот рис од долината на реката Пена којшто последен пат е регистриран во 1995 година. А со изградба на овие патишта се заканува и опстанокот на балканската дивокоза, бидејќи нејзината популација е драстично намалена во последните години, изјави Меловски.
Пријателите на Шара најавија дека наскоро ќе отпочнат и кампања против урбанизација на Шар Планина и апелираат нелегално ново изградените патишта на Лешница и цела Шар Планина да се затрупаат и да не се користат за да се зачува биодиверзитетот којшто утре треба да биде заштитен знак на националниот парк. Според нивните проценки, доколку патиштата се затрупаат и не се користат природата и биодиверзитетот може да се врата во првобитна состојба за околу 20 до 30 години, додека со направената штета значително е намален туристичкиот потенцијал и пејсажната убавина на Лешница.
Во Лешница денеска беше и Живко Темелковски кој е член на Федерацијата на планинарски споретови на Македонија.
-Јас сум се искачил на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв 265 пати досега и особено атрактивна е патеката што оттаму преку Кривошиските водопади, Горна и Долна Лешница води до Попова Шапка. Според многу планинари од целиот Балкан, Лешница е еден од најубавите недопрени природни ресурси во поранешна Југославија. Тука немав дојдено околу три година и тоа што го видов денеска со пробиените патишта низ дивината ме запрепасти, бидејќи природтата е унакажана, а јас се чуствувам како некој мене да ме дере со нож по телото, рече Темелковски.
Од тетовската полиција информираа дека на 9 јуни добиле пријава за узурпација на државно земјиште и сеча на шума од Долна Лешница кон Горна Лешница и од Долна Лешница кон Џинибег. Веднаш следниот ден на 10 јуни бил извршен увид на посочените месности и било установено дека патиштата се пробиени да се олесни пристапот до бачила. Согласнот била добиена од јавното претпријатие Македонски Шуми – подружница Лешница од Тетово и Агенцијата за пасишта, а истрагата работи на утврдување дали согласностите се добиени по законски утврдена процедура, посочија од тетовската полиција.
Иницијативата за Шар Планина да стане национален парк е стара скоро 20 години и на државно ниво досега има дојдено до највисоко ниво, односно формирана е експертска група за валоризирање на природните и социо-економските вредности на Шар Планина, а се подготвува и Студијата што е потребен документ за отпочнување на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк. За жал и покрај овој долгогодишен процес, којшто за неколку години може да резултира со заштитено подрачје, во Полошкиот регион природните ресурси и планината се постојано под негативен притисок од човеково влијание, велат од Пријателите на Шара.
Ново на Сител
-
Тема на денот со генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ
-
17 уапсени за инцидентите
-
ДУИ бара интерпелација на Тошковски - СДСМ лидерска средба
-
Разбојниците вчера од продажен објект на градскиот стадион одзеле 10.000 евра, но на излегување биле уапсени од ЕИП
-
Мицкоски за обвинителите: Нема веќе трпение
-
Приватните превозници се откажаа од блокада, утре продолжуваат да возат
-
Од Нова Година чоколадото ќе биде луксуз, поскапуваат и други берзански производи како маслото и шеќерот
-
Жртвите на семејно насилство во Струмица добиваат куќа за отворено домување