Спорт плус
20. May 2021 - 10:39

Претстојниот викенд на програмата 52. ИКАС

Традиционален меѓународен Илинденски кајак слалом „ИКАС 2021“ ќе се одржи на 22 и 23 мај, соопшти Кајакарската федерација на Македонија. По минатогодишното откажување поради пандемијата на коронавирус, годинава ИКАС ќе го има своето 52-ро издание.

Во спортско рекреативниот центар Матка крај Скопје, покрај македонските кајакари се очекува да настапат и натпреварувачи од Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Хрватска и Турција.

– Имајќи ја предвид моменталната состојбата со пандемијата на Ковид 19 на светско ниво и различните мерки за справување со пандемијата коишто ги преземаат државите ширум Европа, оваа година имаме добиено 30-35 пријави на натпреварувачи од горенаведените земји, а некои од пријавените натпреварувачи беа финалисти на последното 51-во издание на ИКАС 2019 година.

Во текот на целиот настан, кој е една од најстарите спортски манифестации во нашата земја, ќе се почитуваат протоколите за заштита од Ковид 19.