Македонија
27. May 2016 - 14:11

Претставата „Разговори во четири очи“ гостува на ФЕМАРТ во Приштина

Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ на 30 мај во Приштина ќе гостува на 4. Фестивал на жени уметници во борба за човечки права - ФЕМАРТ. 

Претставата од Ингмар Бергман во режија на Нина Николиќ е копродукција на МНТ и Скопје филм студио и ќе биде изведена во Народниот театар во Приштина на затворањето на ФЕМАРТ кој почна на 25 мај.

- Оваа претстава се надоврзува на идејата на фестивалот за претставување и прикажување дела и активности од женски автори и изведувачи: режисери, драматурзи, актери, уметници, поетеси, музичари..., соопшти МНТ.

ФЕМАРТ е единствен женски фестивал во Косово и најголемиот во регионот, организиран од Артполис. Фестивалот прикажува оригинални и уметнички креации во повеќе категории: театар, документарни филмови, работилници, изложби, промоции на книги, концерти, поезија и други уметнички форми од уметници од Косово, регионот и од Европа.

Во шестдневната програма се триесетина целодневни активности со над 100 учесници на осум различни локации во Приштина.