Македонија
18. September 2015 - 9:00

Претставата „„Лисистрата“ изведена на ФАД „Стоби 2015“

Во рамките на 14. Интернационален Фестивал на античка драма (ФАД) „Стоби 2015“ синоќа на сцената на велешкиот театар беше изведена претставата „Лисистрата“ на НУ Татар Комедија – Скопје и АРТМЕДИА МАКЕДОНИЈА.

Претставата е по текст на античкиот писател Аристофан во режија на Наташа Поплавска, музиката е на Огнен Атанасовски, кореографијата на Олга Панко, а костимографијата на Елена Лука.

Во претставата играа актерите: Јелена Жугиќ, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска,Е дмонд Сотир, Нина Деан, Жарко Димоски, Зорица Нушева ,Илија Илиоски, Кристина Ласовска и Валентин Костадиновски-Тино.

Во изјавата за МИА по претставата режисерката Наташа Поплавска оцени дека претставата одлично искомуницирала со публиката што, како што рече, е најважно за неа како режисер.

- Разочарана сум што поради реконструкција на амфитеатарот во Стоби не игравме на древната сцена за која и се подготвувавме уште од почетокот на подготовките на претставата. Сето тоа бидејќи јас веќе сум имала една претстава „Баханалии“ која беше изведена на древната сцена во Стоби и која доби награда гран при за најдобра претстава на фестивалот. Сметам дека и оваа претстава во Стоби ќе имаше посебна магија. Воедно, ние со претставата „Лисистрата“ веќе настапивме на една таква древна сцена на антички локалитет на фестивалот во Саранда, Албанија, информира Поплавска.

Јелена Жугиќ, која настапи во главната улога на Лисистрата, потенцира дека многу го сака Фестивалот на античка драма поради тоа што се игра на сцена во древниот Стоби.

- Годинава за жал поради реконструкција на амфитеатарот не игравме на древната сцена, на оној магичен простор каде секогаш се случуваат одлични претстави. Но, затоа првпат играм во новата театарска зграда во Велес која ме воодушеви како и велешката публика која јас ја сакам. Посакувам во иднина на оваа сцена на новиот театар во Велес да се прават одлични претстави, изјави Жугиќ.

„Лисистрата“ е петта од седумтте претстави во конкуренција за наградите на фестивалот: гран при за најдобра претстава, за најдобра режија и за најдобра машка и женска улога, кои ќе бидат врачени на 22 септември на затворањето на фестивалот во Велес.