Претседателот Стево Пендаровски даде свечена изјава во Собранието
Со потписот на заклетвата Стево Пендаровски и официјално стана петтиот македонски претседател. Во своето прво обраќање пред Собранието, Пендаровски потенцираше дека ќе се фокусира на два приоритети.
Економски развој и борба со корупцијата а најави и максимална посветеност на интеграциските процеси. Како што рече, првата работа која што ќе ја направи ќе биде подавање на рака кон опозицијата.
За опозицијата Пендаровски е Претседател кој дошол на кредит и носи хипотека која ќе ја платат сите граѓани. Од таму велат дека со заминувањето на Иванов, СДСМ добива апсолутна власт во државата која носи и апсолутна одговорност.
Според СДСМ Пендаровски ќе биде претседател кој ќе води напред кон НАТО и Европската Унија.
Во албанскиот политички блок очекуваат позитивна држава ориентирана кон запад. Од ДУИ и денеска потенцираа дека токму тие биле пресудни за победата на Пендаровски. Во БЕСА очекуваат исполнување на ветувањата
Свеченоста во Собранието ја следеа претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово, а Грција го испрати Министерот за надворешни работи со кого Пендаровски оствари и билатерална средба. Македонскиот претседател имаше тет – а – тет средба и со неговиот српски колега, кој најави дека Србија сака да гради уште подобри односи со соседите.
Инаугурацијата на Пендаровски помина во отсуство на лидерите и на власта и на опозицијата. Мицкоски воопшто не бил поканет бидејќи како што објасни власта, тоа не било дел од протоколот, а Заев не можел да дојде бидејќи користи годишен одмор, па своите честитки ги испрати преку социјалните мрежи
Стево Пендаровски е петтиот македонски претседател. Тој ја победи Гордана Силјановски во својот втор обид да стигне до најголемата канцеларија на Водно.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар