Македонија
30. October 2019 - 11:23

Претседателот на судот во Штип му забрани на портпаролот да дава изјави за Игор Спасов

Молк во штипскиот суд кој дозволи осудениот Игор Спасов да го напушти затворот и да користи боледување од една година и два месеца.

Портпаролот на судот, Јулијана Неткова, за Сител рече дека денеска новоизбраниот претседател на судот во Штип, Ѓорѓи Андонов, забранил да се даваат изјави за случајот. Судот во текот на денот ќе издал соопштение на својата интернет страница, вели Неткова.

Во меѓувреме институциите си ја префрлаат одговорноста за бегството на Спасов. Од затворот Идризово велат дека штом некој од затворениците ја напушти установата со медицинска документација дозволена од надлежен суд, тој е слободен граѓанин.

Од управата за извршување санкции објаснуваат дека тие не одлучуваат кому ќе биде прекината затворската казна. Додаваат дека затвореникот Спасов поседувал документи од судот во Штип кои дозволуваат негово лекување во штипската болница. Засега, бегството на Спасов не го истражува ниту Јавното обвинителство.

Инаку по неуспешната потрага во државата, полицијата по барање на штипскиот суд распиша меѓународна потерница за Игор Спасов.

 

Зоран Јаневски