Македонија
6. September 2024 - 15:01

Претседателот на Собранието Гаши го прими новоименуваниот француски амбасадор, Ле Риголер

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска го примил новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, посакувајќи му добредојде и успешен мандат во земјава.

Акцентот на средбата, како што соопштија од собраниската прес-служба, бил ставен на можностите за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, на улогата на Северна Македонија како партнер во НАТО, како и на евроинтеграцијата на земјава.

Претседателот Гаши истакнувајќи ја заложбата на Франција во регионот во однос на интеграциските процеси, истакнал дека Северна Македонија го заврши скринингот, кој покажа солиден степен на усогласеност со законодавството на Европската Унија и дека сега е од особено значење што поскоро да почне процесот на отворање на поглавјата.

Во однос на членството во НАТО, амбасадорот Ле Риголер искажал импресионираност од тоа како Северна Македонија влезе и учествува во Алијансата, особено укажувајќи на помошта и поддршката за Украина од наша страна.

- Соговорниците заклучија дека во последните години е динамизирана соработката на ниво на парламенти меѓу двете земји, заложувајќи се за нејзино понатамошно продлабочување преку пратеничките групи за соработка и преку возвратни посети. Во тој контекст, беше истакнато и активното учество на нашата Секција во Парламентарното собрание на Франкофонијата и личниот придонес на пратениците за промоција на францускиот јазик, култура и демократски вредности со другите земји во франкофонскиот простор, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.