Македонија
7. October 2022 - 16:46

Претседателот на МАНУ алармира: Договoрите со Грција и Бугарија се културен геноцид врз македонците

Разединети во потчинетоста. Ова е мотото кое денес најдобро би ја опишала Македонија, која ја водат недостоинствени, самобендисани, лукративни, сервилни властољупци.

Силните критики за политичарите денеска одекнаа од МАНУ. Првиот човек на Академијата не штедеше зборови за актуелните политики дома, но и надвор. Идентитеските прашања ги препуштивме на надворешните фактори, што доведе до културен геноцид врз Македонците, беше една од пораките на академик Коцарев.

“Само македонските недостоинственици, понизници, среброљупци и властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари и нивните апологети, се слепи и глуви дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава, како и врз Македонците во соседните држави Грција, Бугарија и во Албанија и насекаде каде што Македонците живеат и опстојуваат како народ”

Коцарев се дополни и за денешните апсурди. Постојат два државни документа со кои се забранува употребата на зборот Македонија. Едниот е од 1903 година, а другиот е решението на министерот Маричиќ, со кое не може да се регистрира невалдиното здружение “Млади за Македонија”, вели првиот академик.

Не напреднавме ниту економски. Од независноста до денес, растот на БДП-то е само 1,7 отсто, а јавниот долг изнесува 60 проценти. Образовниот систем е уназаден, администрацијата е неспособна и партизирана, зависни сме од енергенси, продолжи Коцарев со критиките.

Сите обиди за соживот се залудни, смета академикот, а мултиетничкиот јаз само се продлабочува.

“Додека македонската кауза и борбата за постоење на македонскиот идентитет веднаш се прогласува за национализам, албанските партии вешто ја користат албанската кауза. Македонија не може да опстане ако за албанските партии де факто постојат само два исхода од преговорите за формирање или опстојување на Влада – или ќе биде тоа што тие го бараат или Влада нема”

Шансите да станеме членка на ЕУ во наредните 30 години е многу мала, оценува Коцарев. Затоа ни е потребна стратегија која ќе гарантира национален развој, на која МАНУ ќе почне да работи наредната година.