Македонија
24. December 2015 - 14:22

Претседателот Иванов го посети бизнис акцелераторот„ЊуМенс“

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го посети бизнис акцелератор „ЊуМенс“.

При посетата македонскиот претседател се запозна со активностите и начинот на функционирање на овој прв бизнис акцелератор во Република Македонија, којшто преку образовни наставни програми и разменување и унапредување на знаења и вештини, настојува да им помогне на младите луѓе на почетокот на нивната професионална кариера, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Студентите и компаниите вклучени во академијата, изразиле задоволство од денешната посета на претседателот Иванов, и ги споделиле своите лични искуства за нивната работа и вклученост во академијата, која се темели на развој на иновативни проекти од областа на информатичко-комуникациските технологии и креативните индустрии.

Бизнис акцелератор „ЊуМенс“ работи на интеграција и вмрежување на студентите, бизнисите и инвеститорите, овозможувајќи им на младите да оформат сопствени компании. Во програмите на акцелераторот се вклучени студенти, 30 млади претприемачи, 20 старт-ап тимови, 15 фриленсери, 25 мали и средни компании од Македонија и од САД.

- За време на посетата, претседателот Иванов им посака многу успех во нивните идни активности и проекти, честитајќи им ги престојаните новогодишни и божиќни празници, се вели во соопштението.