Претпладне Скопје беше најзагаден град во Европа - Се зголемува бројот на пациенти со здравствени проблеми
Скопје и оваа есен повторно го зазаде приматот најзагаден град во Европа и 11 –ти во светот. Овие негативни резултати беа објавени претпладнево на швајцарската платформата IQair која го мери квалитетот на воздухот. Во главниот град тешко се дишеше и синоќа. На Клиниката за пулмологија веќе бележат зголемен број на пациенти со респираторни потешкотии, повеќето имало влошување на хроничните болести.
- Тие аерозагадувачи од понов тип, тоа се озонот, азотните окјсиди, издувните гасови, добропознатите ПМ честички и некои токсични материи кои што делуваат штетно на респираторниот систем пред се на носот и долните дишни патишта, предизвикувајќи и кај здрави особи одредени симптоми, не кај секого, ноп има голем број на граѓани кои што чувствуваат печење на очите, солзење, јадеж или печење во носот, може да се јави и кивање исто така и кашлица и стегање во градите, изјави проф. д-р Дејан Докиќ, Клиника за пулмологија и алергологија.
Покрај лицата со хронични заболувања, најчувствителни на загадениот воздух се и трудниците и малите деца.
- Во овој период можат да користат маски со хепафилтер кој што на некој начин го прочистува воздухот од овие аерозагадувачи, но доколку не можат да се најдат такви и Н95 исто така би завршило голем дел од работата, особено за хронично болни кои имаат потреба во вакви моменти да излезат надвор. Во периоди на огромна аерозагаденост би било препорачливо да не се спортува надвор и да не излегуваат без потреба мали деца, трудници и возрасни со хронични болести, советува професорот Докиќ.
Според професорот Докиќ токму кога имаме зголемено аерозагадување повеќе напаѓаат и вирусите и затоа тој препорачува периодов да се земаат повеќе антиоксиданси од типот на витамин Ц, Д, Цинк и слично.
Инаку, Европската агенција за животна средина (EEA) неодамна излезе со алармантна статистика, повеќе од 180.000 смртни случаи во Европа се поврзуваат со загадениот воздух. Во Македонија поради високо аерозагадување годишно умираат околу 5000 лица.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
