Македонија
21. July 2019 - 16:14

Преспанскиот договор - тема на Седницата за избор на грчка Влада

Интеграцијата во Европската унија на нашите соседи ќе зависи од тоа како тие ќе се однесуваат кон нас. Грчкиот премиер во своето прво обраќање пред Собранието најави посебна програма за делот кој тој го нарекува грчка Македонија.

-На Балканот, како што имаме кажано во неколку наврати, приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на Договорот од Преспа. А главната точка овде е развојната програма за северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија. И сакам, одново да пратам една порака во и вон Грција: од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската унија.

И поранешниот премиер на Грција во дел од својот говор пред новиот пратенички состав во Грција се фокусираше на Договорот од Преспа коментирајќи дека станува збор за национално корисно решение. Го обвини Мицотакис дека со преземањето на власта ги променил своите позиции и го праша, Дали сега е добар Договорот од Преспа?

Господине Мицотакис, една и пол година, Вие и вашите членови бевте протагонисти во протестите за македонското прашање. Ги прифативте радикалните кои беа на протестите и многу пати го даваа ритамот на овие протести. Многу од вашите членови не нарекуваа предавници. Некои од пратениците на СИРИЗА најдоа насилници пред нивните домови, со бомби молотов, министерот за надворешни работи најде десетици заканувачки пораки со куршуми, а вие бевте предводник во критиката за предавнички договор. Сега е добар Договорот од Преспа?

Во грчките медиуми денеска е објавено и интервју со Премиерот Заев снимено три дена пред изборите во Грција. Во него, Заев вели дека Ципрас останува негов пријател до крајот на животот, а Мицотакис го смета за искусен политичар  кој знае што прави.

Заев вели дека Македонија има намера целосно да го испочитува договорот од Преспа и очекува поддршка од својот сосед на патот кон Европската унија.