Македонија
17. July 2015 - 19:29

Пресечен меѓународен канал за шверц на дрога

За 1500 евра кичевчанец требал да пренесе 1 килограм и 300 грама хероин до Швајцарија. На граничниот премин Табановце, МВР и Царинската управа во заедничка акција пресекоа меѓународен канал за трговија со дрога. 4-те најлонски пакувања со хероин полицијата ги пронашла при претрес на автобус кој сообраќај од Струга до Луцерн, Швајцарија во дупло дно на куферот кој бил во сопственост на 54-годишниот кичевчанец.

„Истиот за одреден паричен надомест од 1500 евра бил ангажиран да го изврши транспортот до Швајцарија од страна на 35-годишен гостиварчанец кој бил организатор на транспортот и кој исто така патувал во автобусот и седел во непосредна близина на лицето транспортер. Одземената прашкаста материја е предадена во Министерството за внатрешни работи за понатамошно вештачење“ изјави портпаролот на МВР, Лиза Бендевска.

Против двајцата македонски државјани Секторот за недозволена трговија со дрога поднесе кривична пријава до кумановското јавно обвинителство. Тие се товарат за „неовласетно производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.