Македонија
2. January 2020 - 16:40

Премиерот Заев уверува дека новиот закон за надворешни работи ќе ја зајакне дипломатијата, синдикатот смета поинаку

Дипломати од кариера за зајакнување на нашите амбасадорски позиции. Премиерот Заев на својот Фејсбук профил сподели анализа за изминатите години, најавувајќи го новиот Закон за надворешни работи, со кој е предвидена целосна реформа на дипломатската служба.

Новото законско решение, кое предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите да бидат дипломати од кариера, ќе ја штити службата, тврди Заев. Потсетува дека и во изминатите три години владата настојувала да праќа искусни амбасадорски имиња.

“Од 2017 досега, 87,5% од лицата кои се именувани за амбасадори се кариерни дипломати, 35 од нив се професионални, а само 5 се политички решенија. За споредба во периодот 2006-2017 година, соодносот помеѓу професионалните и политичките решенија бил 42,3%, или во реалноста 33 кариерни (7 вработени непосредно пред испраќање) и дури 45 политички решенија”, пишува Заев.

Пред неполн месец, Владата утврди 19 имиња за испразнетите места во дипломатско конзуларните претставништва. Шефот на македонската дипломатија вели дека 90 отсто од нив се дипломати од кариера, но неизвесно е дали и кога ќе ја почнат службата поради сложената процедура.

Најголема реакција предизвика предлогот оџата Џемаил Чупи да биде амбасадор во Кина, но тој не е единствената спорна номинација. Во новата група има и такви со двојно државјанство, што не е дозволено според Законот за надворешни работи.

Силни забелешки на новото законско решение има Македонскиот дипломатски синдикат.

Контра тврдењата на Владата, од Синдикатот дополнуваат дека новиот Закон ќе и нанесе огромна штета на македонската дипломатија, а текстот е скроен за да му служи на помала група дипломати во МНР.