Премиерот Заев се сретна со претставници од Сојузот на борците
Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со претставници на Сојузот на борци - Вера Бунтевска, в.д. претседателка на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија, Евзи Мемети, потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија и Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ.
На средбата, на која претседателот на Владата беше придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, преставниците на Собузот на борци му го честитале на Заев назначувањето претседател на Владата на Република Македонија и составот на демократска Влада.
- Вашите заложби, верба и оптимизам даваат сила и водат напред. Веруваме во вас, ве поддржуваме и ве охрабруваме да продолжите со мудрите политики со коишто се грижите за сите граѓани и на Република Македонија и го враќате достоинството на луѓето и на државата на регионален и меѓународен план, порачале претставниците од Сојузот на борци на Република Македонија и од Град Скопје.
Како што соопшти владината прес-служба, тие му се заблагодариле на премиерот Заев и на Владата што уште во ребалансот на Буџетот за оваа година се предвидени средства на Сојузот на борци на Република Македонија и за политиките на разбирање што ги покажува новата Влада за значењето на борците за Република Македонија и за НОБ, како еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија.
Премиерот Заев соопштил дека Сојузот на борци на Република Македонија ќе биде застапен со соодветни финансиски средства во Буџетот и за 2018 година за да може да ги реализира програмите и активностите со коишто се негува традицијата и се афирмираат придобивките од НОБ, преку современиот патриотизам за татковината.
-Тоа е значајно во историска смисла, но и за вредностите значајни за сегашните и идните генерации, трезвеноста, определеноста кон слободата, кон љубовта и заштитата на државата, шти ги застапува Сојузот на борци на Република Македонија, чиј член сум и јас, како поддржувач на организацијата, соопштил премиерот Заев.
На средбата е договорено Владата да му помогне на Сојузот на борци на Република Македонија со соодветен простор за функционирање со оглед дека им е одземен нивниот имот, за којшто организацијата планира низ правни процедури да дојде до правдата. Исто така, претставници на организацијата ќе бидат вклучени во одбележувања значајни датуми за Република Македонија и во сите други државни настани, со што ќе се врати значајното место на борците во општествениот живот во Република Македонија, информира Службата за информирање во Владата.
Ново на Сител
-
Авион со 67 патници се урна во Казахстан | ВИДЕО
-
Два пожари во Кумановско - штетата допрва ќе се утврдува
-
Русија масовно ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина; тројца ранети во Харков
-
Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов
-
Кривична пријава против ракометар на Загреб за физички напад врз соиграч
-
Католиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик
-
Експлозија во трговски центар во Русија | ВИДЕО
-
Годишно обраќање на претседателката Сиљановска Давкова во Собранието