Македонија
13. September 2017 - 18:25

Премиерот Заев се сретна со претставници од Сојузот на борците

Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со претставници на Сојузот на борци - Вера Бунтевска, в.д. претседателка на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија, Евзи Мемети, потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија и Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ.

На средбата, на која претседателот на Владата беше придружуван од вицепремиерката  и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, преставниците на Собузот на борци му го честитале на Заев назначувањето претседател на Владата на Република Македонија и составот на демократска Влада.

- Вашите заложби, верба и оптимизам даваат сила и водат напред. Веруваме во вас, ве поддржуваме и ве охрабруваме да продолжите со мудрите политики со коишто се грижите за сите граѓани и на Република Македонија и го враќате достоинството на луѓето и на државата на регионален и меѓународен план, порачале претставниците од Сојузот на борци на Република Македонија и од Град Скопје.

Како што соопшти владината прес-служба, тие му се заблагодариле на премиерот Заев и на Владата што уште во ребалансот на Буџетот за оваа година се предвидени средства на Сојузот на борци на Република Македонија и за политиките на разбирање што ги покажува новата Влада за значењето на борците за Република Македонија и за НОБ, како еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија.

Заев со борци 2

Премиерот Заев соопштил дека Сојузот на борци на Република Македонија ќе биде застапен со соодветни финансиски средства во Буџетот и за 2018 година за да може да ги реализира програмите и активностите со коишто се негува традицијата и се афирмираат придобивките од НОБ, преку современиот патриотизам за татковината.

-Тоа е значајно во историска смисла, но и за вредностите значајни за сегашните и идните генерации, трезвеноста, определеноста кон слободата, кон љубовта и заштитата на државата, шти ги застапува Сојузот на борци на Република Македонија, чиј член сум и јас, како поддржувач на организацијата, соопштил премиерот Заев.

На средбата е договорено Владата да му помогне на Сојузот на борци на Република Македонија со соодветен простор за функционирање со оглед дека им е одземен нивниот имот, за којшто организацијата планира низ правни процедури да дојде до правдата. Исто така, претставници на организацијата ќе бидат вклучени во одбележувања значајни датуми за Република Македонија и во сите други државни настани, со што ќе се врати значајното место на борците во општествениот живот во Република Македонија, информира Службата за информирање во Владата.