Македонија
31. July 2019 - 16:40

Премиерот Заев го „кани“ Груевски да и „помогне“ на Македонија

Премиерот Зоран Заев смета дека експремиерот Никока Груевски кој е во политички азил во Будимпешта може да и помогне на државата и го повика да се врати назад. Заев го упати повикот откако Груевски на својот Фејсбук профил се понуди да го брани премиерот од како што вели афери и скандали кои му се случуваат речиси секојдневно. Помошта, според Заев, би се состоела во тоа експремиерот да ја отслужи веќе досудената казна.

- Ух убаво е да дојде. Нека дојде. Треба помош во државата. Помош во државата е и кога ќе си ја реализирате казната. Се е помош. Сите испраќаме порака на одговорност со се, заради тоа можам да испратам навистина двосмислена порака – нека се врати дома

Груевски вчера напиша дека секој „втор ден“ на Заев му се случува нова афера

- Понекогаш ми доаѓа да фатам да го бранам: “луѓе, па јас навреме ви кажав дека мора да ја “свиткаме кичмата”, дека на СДСМ не им личи да бидат патриоти, ви кажав и дека живи луге ќе јадам, ме чувте на едно видео  и како кажувам дека со странски служби соработувам, праќав и пораки кои ги видовте дека однадвор ме спремаат...знаевте се за мене...знаевте и дека после обвинението за “Глобал”, согласно Законот за легализација на диви градби уредно се поднесе барање до општината и како градоначалник си го легализирав Глобал и така потврдив дека било дивоградба, ене го, блеска, како економијата и инвестициите... Јас навреме ви се претставив... Ви се извинувам до небо ако не сум бил доволно јасен...”., напиша Груевски.

Инаку, премиерот и партискиот портпарол и пратеник на СДСМ Костадин Костадинов имаат различно толкување за посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Будимпешта. Додека Костадинов веќе два дена ја поврзува посетата на Мицкоски со Груевски, за Заев средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со унгарскиот премиер Виктор Орбан била сосема нормална комуникација меѓу сестрински партии.

- Ова за мене е многу логично. Се работи за двајца претседатели на политички партии од десницата. Тие се членки на ЕПП и логично е да се среќаваат. Секако убаво е да се поделат сите детали со јавноста како што тоа е обврска на сите јавни личности од таквите средби. Јас верувам дека таа средба може да придонесе кон зајакнување на пријателството помеѓу Република Северна Македонија и Република Унгарија, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање при денесшната псоета на Битола.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека навреме информирале за посетата.

Од партија дека главна тема на разговорите Мицкоски Орбан биле евроинтеграциите, но и како последните афери поврзани со владата на Заев лошо влијаат на нив.