Македонија
10. January 2024 - 16:40

Премиерот не знае чиј внук е новиот директор на М-НАВ, ама за синдикатите кажа дека се семејно стебло

Македонска навигација доби етикета „семејно стебло“ од премиерот Ковачевски. Според него, таму имало многу вработени роднини, па упадот на бандата и тепањето контролор со боксови го нарече конфликт како што луѓето имаат дома.

„Таа фирма е станата како семејна фирма бидјеќи кога ќе погледнете таму има до трето колено вработувани. Кога ќе видите, претседател на синдикат, татко му работел таму, тој таму работи, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во коешто имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“ – Димитар Ковачевски, премиер

Првиот синдикалец, пак, смета дека на овој начин се прави дефокус од реалните проблеми. На Владата и препорача да се позанимава со вработените кои се примени на сомнителен начин, роднински или партиски, па кога доаѓаат на работа не знаат да сработат ништо. Тасевски укажува и дека постојат луѓе кои се воделе дека се на работа, а по неколку месеци живееле во Германија. Не крие дека негови блиски биле вработени во М-НАВ. Вели стручноста треба да биде пред се.

„Јас сум примен ’95-та година, а брат ми е вработен ’97-ма, ако не грешам. Имаше конкурс каде што беа испратени во Луксембург на обука. Поминаа селекција. Секој еден кој ќе ги заврши тие селекции и потребни критериуми на школување е добредојден, без разлика дали е нечив или ничив. На тоа остануваме и понатаму да се залагаме“ – Александар Тасевски, претседател на Синдикат на М-НАВ

Дента кога групата на Беким Незири упадна во контролната кула, летале и два авиони на НАТО земји членки, па затоа за инцидентот се заинтересирале и претставници на Алијансата, потврди министерката за одбрана. Јавно изрази незадоволство од одлуката на Кривичниот суд кој им изрече благи мерки на претпазливост, иако обвинителството бараше притвор за насилниците.

„Во однос на одлуката на судот, лично јас не се сложувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Не сакам апсолутно да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа целата оваа ситуација ќе треба посериозно да ја сфатат“ – Славјанка Петровска, министерка за одбрана

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека по цела недела укажувања, нема вистински правен одговор за Загрозување на меѓународниот авиосообраќај.

„Цела недела мина од насилниот упад на партиска банда на ДУИ предводена од Беким Незири и 7-мина од блиските на врвот на ДУИ, цела недела нема правна разрешница, а Владата на сила турка формулација колегијално кошкање“ – Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ

Вчера на владина седница беше понуден Илир Мехмети за нов претседател на управниот одбор на М-НАВ, па откако дознале дека не ги исполнува условите, министрите повторно се собраа и го предложија Хекуран Асани. Иако Ковачевски ги знае сите крвни врски на синдикалците, нема информација чиј внук е Асани. 

„Не знам чиј внук е, 25 години е контролор на летање“ - Димитар Ковачевски, премиер 

За Асани веќе кружат информации низ медиумите дека е далечен роднина на Али Ахмети, а движењето Беса објави дека биле и комшии.

„После скандалот во М-НАВ чиј извор беше изнуда преку партиски непотизам, криминалот продолжува на повисоко ниво. Новиот директор на М-НАВ излезе дека е од Кичево и дека е комшија на Али Ахмети! Откако ги утеши своите деца, внуци и други, Ахмети за да има контрола над секоја институција, прво низ судовите и обвинителот од организиран криминал постави блиски луѓе од неговото село и околината, а сега дури и сосед во М-НАВ!“, велат оттаму.

На вчерашната седница бил задолжен трудовиот инспекторат да изврши вонредна контрола на синдикатите, а во М-НАВ веќе влезе и Финансиската полиција.