Македонија
6. March 2016 - 9:38

Премиера на театарската претстава „Кралски игри“

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечер на матичната сцена ќе ја изведе најновата театарска претстава „Кралски игри“ од рускиот драматург Григориј Горин во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

Режисерот Ѓоргиевски во пресрет на вечерашната премиера појасни дека станува збор за приказна за еден владетел-апсолутист кој во своите раце ја прибира целокупната световна, духовна и материјална власт. 

- Главен лик во претставата е Хенри Осми, крал на Англија, чија апсолутна моќ се прекршува во огледалото на неговата љубена жена Ана Болејн, се распарчува на илјадници делови од суета, завист, страв, злоба, љубомора...и се доведува во ситуација да избира дали да ја задржи власта и да остане крал или пак ќе се посвети на љубовта и ќе остане човек. Власт или љубов? Човек или крал? Во приказната сепак Хенри Осми ја избира власта. Мотивот за власт е неверојатно силен, дури поголем од мајчинскиот мотив, посочи Ѓорѓиевски и нагласи дека најбитниот момент во претставата се личните судбини на сите поддржувачи, а не само судбината на кралот и кралицата.

Во претставата „Кралски игри“ настапуваат актерите Слободан Степановски, Соња Михајлова, Викторија Степановска Јанкуловска, Катерина Аневска, Борис Чоревски, Митко С.Апостоловски, Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски, Сандра Грибовска, Душко Јовановиќ, Васко Мавровски, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Јулијана Стефановска, Александар Стефановски, а главната улога ја толкува Петар Горко.

- Хенри Осми е огромен лик кој го работев со голема посветеност иако нема ниту една допирна точка со мене како личност. Хенри Осми е одвратен лик со бројни негативности и само една добра, а таа е љубовта кон Ана Болејн. Мислам дека успеав во претставата да направам игра и коментар, истакна меѓу другото актерот Петар Горко.

Актерката Катерина Аневска, која ја толкува улогата на Ана Болејн, посочи дека игра лик на една од најконтроверзните кралици во англиската историја, жена која имала големо влијание врз реформите на црквата во Англија, но сепак, како што рече, успеа да го пренесе на најдобар начин нејзиното тригодишно владеење.

Преводот на текстот од руски на македонски јазик го направи Оливера Павловиќ, костимографијата е на Андреј Ѓорѓиевски, музиката е на Марјан Неќак, а сценографијата e на Валентин Светозарев.