Македонија
23. December 2019 - 17:44

Премиера на „Плоштад на хероите“ задутре во Драмски театар

Драмски третар Скопје задутре ќе прикаже премиера на претставата „Плоштад на хероите“,  изработена по мотиви од драмата на Томас Бернхард, во режија на Мирјана Медојевиќ.

Во претставата играат Наталија Теодосиева, Ина Пунтар, Гордана Ендровска, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Симона Димковска. Драматургијата е на Нина Зупанчич и Викторија Рангелова, а композиција и избор на музика се на Ина Пунтар.

Актерот Златко Митрески на денешната прес-конференција по повод претстојната премиера рече дека претставата е процес со многу поинаков пат. Според него, создавана е на поразличен начин од останатите затоа што е авторска и создава колективност во актерската екипа.

-Претставата мене лично ми беше многу интересна затоа што целата е всушност авторска, претставува лично обележје на сите кои учествуваат во нејзиното градење. Важна е затоа што се создава некаква колективност во екипата, во создавање заедничка претстава на теми кои што се врзани со текстот на Бернхард. Ми се допаѓа што целиот овој процес излегува од оние класични претстави кои се со по принцип дел од еден државен театар, истакна Митрески.

Според актерката Гордана Ендровска, претставата претставува слободен и чист приод, без затворање во рамките.

-Она што најмногу ме привлече да бидам дел овој процес ми беше тоа што сфатив дека може и поинаку да се влегува во работите, со чисто срце, неоптоварено и со некоја доверба, љубов и да се испитува и понатаму каде да се движиме. Самата соработка со режисерата ми наликуваше како да се враќам некаде да го барам детето во себе и да стартувам како да сум почетник, како да стапнувам првпат на оваа сцена. Токму така изгледа моето лично искуство со оваа претстава. Секој различно влегува во секој процес. Генерално, целиот овој процес за мене беше многу примамлив, излеговме од рамки, приодот кон претставата ни беше чист и отворен, рече Ендровска.

Актерката Наталија Теодосиева додаде дека претставата „Плоштад на хероите“ е нов бран на енергија, со нова и современа форма и пристап кон работа.

-Четири години соработувам со Драмскиот театар. Го паметам како театар кој што секогаш носел и изнесувал нови форми на претстави и по тоа бил познат низ цела поранешна Југославија, добивал многу награди и мислам дека ова му се случува на Драмски после осум, девет години да дојде некој нов бран на енергија и да дојде некоја претстава која ќе ја потсети македонската публика и македонсите театарџии дека баш Драмски е тој театар каде што се раѓале вакви претстави, нови современи, со нови форми и погледи кон пристапот на работа. Тоа е од големо значење за мене како млад актер, затоа што моето патување и патешествие пронаоѓајќи се себе си во театарот не завршува тука. Мислам дека заради тоа е добро што сум дел од овој процес, затоа што одново се учам себе си, истакна Теодосиева.