Бизнис
6. January 2016 - 18:36

Преку програмата за рурален развој до нова опрема и механизација

Нови локални патишта , водоводи и модерна механизација за земјоделците во руралните подрачја, најави вчера премиерот Груевски со новата програма за рурален развој која ќе биде објавена нaскоро. И годинава државата ќе издвои над 33 милиони евра за оваа намена. Со инвестирањето во овие средини како што истакна премиерот, корист ќе имаат не само земјоделците туку и сите лица што живеат таму а не се занимаваат со оваа дејност.

- Програмата денеска ќе се разгледува на Комисија, а се надевам дека деновиве ќе биде и на седница на Влада. Ќе биде користена главно за поддршка на земјоделските стопанства за набавка на механизација и опрема и се што им е неопходно, како и за општините во руралните средини за изградба на различни инфраструктурни проекти што би им помогнале на земјоделците, локални патиштата, водоводи... Програмата е правена согласно потребите на земјоделците во соработка и директна комуникација со земјоделските здруженија и во неа ќе влезат проекти кои се веќе започнати или се во тек или сега ќе започнат. Ќе биде исклучително важна за развојот на руралните средини во Република Македонија чии што општини немаат високи буџети и имаат потреба од дополнителна поддршка од Буџетот на Република Македонија, рече Груевски.

 И лани за поддршка на руралниот развој беа обезбедени над 33 милиони евра.

Парите беа поделени на две категории со повеќе мерки за подобрување на квалитетот на животот во овие средини и модернизација на земјоделските стопанства. Една од мерките беше и финансиската помош за младите земјоделци кои можеа да добијат субвенција од државата  и до 10 000 евра. Со помош на програмата  околу 420 земјоделци се стекнаа со нови трактори и приклучна механизација, а државата им покри и дел од трошоците на земјоделците кои подигнаа овошни и лозови насади.