Македонија
21. јуни 2016 - 14:27

Преку проект на УСАИД 170 лица со попреченост најдоа работа

Во изминатите четири години 170 лица со попреченост добија обуки и различни практични настави за полесно наоѓање работа или почнување бизнис, преку Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување лица со попреченост, имплеметиран од Моја Кариера.  

Денеска презентирајќи ги резултатите од проектот на прес-конференција беше посочено дека во последните четири години, проектот го зголеми учеството на лицата со попреченост во општеството преку подобрување на нивните работни вештини.

- Лицата со попреченост се со многу способности и треба да ги имаат истите права и можности како останатите. Обезбедување на овие можности беше целта на овој проект, изјави Џејмс Стајн, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија. 

Тој додаде дека се уште може многу да се направи за да се обезбедат правата на лицата со попреченост.

Стајн ги охрабри присутните да продолжат со зголемување на  можностите за целосно вклучување на лицата со попреченост во македонското општество.

Преку Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост досега се овозможени вработувања во приватни компании, невладини организации и јавни институции, од кои 12 се самовработувања. Реализирани се 90 практични настави за лица со попреченост.   Вкупно 424 лица со попреченост се обучени на тема „Стратегии за барање на работа“, 49 лица се обучени на тема „Претприемачки вештини“, а 63 лица на тема „Развивање креативни вештини на лица со попреченост“. Дополнително, 267 лица  од различни приватни компании, организации и јавни институции ја посетија обуката „Методологија за успешно менторство на лица со попреченост.“