Македонија
27. September 2017 - 14:42

Преку Националната програма за рурален развој обезбедена поддршка за локалните акциски групи ЛАГ- ови

 Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да обезбеди поддршка за локалните акциски групи (ЛАГ-ови) преку Националната програма за рурален развој, е пораката од денешната панел дискусија „Чекори за операционализација на ЛЕАДЕР во Македонија“ што ја организира Асоцијацијата за иновации во руралната економија (АИРЕ).

Пред почетокот на панелот, заменик-министерот за земјоделство Власте Димковиќ нагласи дека изминатите три години, откако функционира ЛЕАДЕР проектот во земјава, немало поддршка за ЛАГ-овите, но тоа, како што напомена, веќе нема да биде случај.

- Локалните решенија се неопходни за одржлив рурален развој. Тоа е во основа и целта на ЛАГ-овите – подобрување на економскиот потенцијал на заедниците преку заедничко делување на јавниот, приватниот и невладиниот сектор. Изминатите три години немаше никаква поддршка, поради што сериозно ја преземаме обврската за регистрација на ЛАГ-овите, изјави Димковиќ.

И според заменик-амбасадорот на Швајцарија во Македонија Стефан Томаџан, единствено што во моментов недостасува е национална поддршка за локалните акциски групи.

- Горди сме што успеавме да создадеме 10 ЛАГ-ови кои се доволно силни да се соочат со предизвиците. Но, еден чекор недостасува – помош овие групи да дојдат до средствата од Националната програма на МЗШВ, подвлече Томаџан.

Тој изрази уверување дека по изјавата на заменик-министерот, поддршката и конкретно ќе се реализира.

ЛАГ-овите кои моментно функционираат во Македонија покриваат околу 50 отсто од руралната територија во 25 општини во Полошкиот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Североисточниот регион.

ЛАГ-овите се основни единици преку кои се спроведува т.н. ЛЕАДЕР програма за рурален развој на ЕУ, насочена кон создавање работни места и подобрување на животниот стандард во руралните заедници.

Во програмскиот период 2014-2020 ЛЕАДЕР пристапот е проширен за да покрива не само рурални, туку и крајбрежни и урбани региони