Преку лажни СМС пораки се празнат сметките на граѓаните по 500 до 600 евра
Пристигнува СМС порака дека имате пратка која подлежи на царина и откако ќе платите 2 евра Македонски пошти ќе ви ја испрати повторно. Оваа порака стотици граѓани ја добија за време на празниците, а наместо две евра, сајбер измамниците ги празнеа банкарските сметки на македонските граѓани по 500 или 600 евра. Оние кои побрзо реагирале ги блокирале нивните сметки, па наместо празна сметка имаа блокирана.
Цел на измамата бев и јас и бидејќи очекувам пратка, инстинктивно ги дадов податоците, без да проверам. Сепак, нешто ми беше сомнително и по неколку чекирања, сфатив дека се работи за измама. Се јавив во техничка поддршка на мојата банка за да ја блокирам картичката и за среќа, кај мене помина само со тоа. Но, од банката потврдија дека многу граѓани денеска на овој начин биле измамени и им биле украдени суми од 500 до 600 евра. Затоа, ако добиете СМС со ваква содржина, едноставно - ИГНОРИРАЈТЕ ЈА.- се дел од реакциите на граѓаните на фејсбук.
СМС пораката напишана на кирилица, ве води на линк кој наводно ја отвара страната на Македонски пошти. Но уште на првиот чекор може да се забележи дека станува збор за измама, бидејќи на страната не може ниту да одите на мени ниту на официјалната страна на Македонски пошти. Потоа ви ги бара личните податоци, кои најчесто се злоупотребуваат, а на крај и трансакциската сметка за наводниот агент да го достави вашиот пакет откако ќе платите 1.99 евра.
Голем број граѓани подлегнаа на измамата, бидејќи речиси секој втор македонец нарачува преку интернет, а сајбер измамниците ги одбираат токму празниците кога и банките не работат па потешко се добива техничка поддршка.
Префиксот на бројот од кој се испраќа пораката е +33 кој е повикувачки број за Франција.
Од МВР го известиле ОЈО за случајот.
Имаме добиено пријави за овој случај и во врска со тое е испратено известување до ОЈО односно се преземаат мерки за расчистување на случајот. Покрај тоа постојано апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви измами, односно никако да не ги испраќаат своите лични податоци преку интернет, велат од МВР.
Речиси сите банки испратија соопштенија за нивните корисници доколку ги внеле податоците и нивните трансакциски сметки, веднаш да ги блокираат картичките и да се јават на нивните контакт центри.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар