Македонија
3. August 2020 - 19:34

Прекината потрагата по 16 годишното момче специјалците на МВР утре се враќаат во Преспанското езеро

Повеќе од 24 часа трае потрагата по 16-годишното момче од Ресен кое вчера попладне исчезна во во водите на Преспанското Езеро. Денеска околу 14 часот во водите влегоа и 4 припадници на специјалната единица на МВР, тигрите со опрема за нуркање, но нивната двочасовна потрага беше без успех. Попладнево временските услови за потрага се влошија со засилен ветер и бранови, а градоначалникот на Ресен не информираше дека утре изутрина продолжуваат со засилување од единицата за специјални задачи.

-Како резултат на детски игри со педалинка, се удави едно 16-годишно момче од Ресен, навистина е голема трагедија, не само за семејството, за цел град, најискрено сочуство до семејството.

Нашето езеро е специфично, овој период кога водата е повлечена отежнато е трагањето, се надевам за многу скоро ќе се извади телото, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Потрагата по момчето започна вчера околу 18 часот, беа ангажирани индивидуални нуркачи, а се обиделе и со рибарска мрежа.

-Ние си најдовме сами нуркачи, двајца од Охрид, еден од Скопје, еден од Битола, ноќеска се бараше, до 5 сабајле. Греота за родителите да дојде поголема екипа треба, велат учесници во потрагата.

Педалинката не се превртила, а за тоа сведочи и првиот човек кој пристигна веднаш по несреќата.

-Во моментот кога стигнавме, двете деца беа на педалинка, кажаа дека детето рипнало и не се вратиле повеќе, педалинката не беше превртена, јас стасав таму за 5 минути, веднаш почнавме да бараме, изјави Сашо Наумовски, учесник во потрагата.

-Јас сум сопственик на педалинките, тие се исправни, не се превртила, тие скокале од педалинка, вели Ведад Адемовски, сопственик на педалинките.

Денеска плажата на Претор беше полупразна, со многу малку капачи во езерото.