Преговарачката рамка за Македонија предадена вчера во Советот на ЕУ
Европската Комисија (ЕК) вчера ги предаде преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија до Советот на ЕУ, содржината на рамките се објавува само откако таа ќе биде усвоена од страна на земјите членки во Советот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Преговарачките рамки се позицијата на Европската Унија во преговорите за членство. Европската комисија поднесува нацрт рамки до земјите членки, кои треба да ги усвојат по евентуални модификации.
-Денеска се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија, стои во писмената изјава на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Рамките се поделени на три дела: водечките принципи на пристапните преговори, суштината на преговорите и преговарачката процедура, со цел да се обезбеди целосно спроведување на европското законодавство и неговите принципи во законските рамки на земјите кандидати.
Конкретно, фокусот на овие рамки е врз владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата, а се предвидува „посилен политички двигател“ на процесот како и подинамичен ритам на преговорите преку групирањето на поглавјата за преговори во тематски кластери.
-Со нетрпение ги очекувам дискусиите помеѓу земјите членки за да се одржат што е можно побргу првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно се наоѓа во Европската Унија и уверен сум дека тие ќе продолжат да ги исполнуваат реформите на патот кон ЕУ, како што досега тоа го правеа, изјави Вархеји.
Според дипломатите во Брисел, не се очекува првата меѓувладина конференција пред крајот на оваа година. Земјите членки би требало да разговараат за проширувањето од септември, со оглед на тоа дека летото ќе биде целосно посветено на обидот да се пронајде компромис за излез од економската криза на ЕУ и иднината на нејзиниот буџет.
Во преговарачката рамка за Северна Македонија, јазикот е македонски.
Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Димитров, го поздрави предавањето на рамките на првиот ден од германското претседателство со ЕУ.
-Мислам дека има убава симболика што ЕК ја заврши својата задача врз основа на одлуката од март, токму на 1 јули, денот кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Берлин и јас сум убеден дека како што беше за нас историско хрватското претседателство, така ќе биде и Германското претседателство и заедно со германската поддршка во следниве месеци ќе ја отвориме првата Меѓувладина конференција, изјави Димитров.
Ново на Сител
-
Осумгодишно девојче со хеликоптер пренесено од Скопје во Истанбул за операција
-
Косово доби статус на придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО
-
До четврток нестабилно со услови за невреме, викендот натпросечни температури
-
Пејачот Амар Исмани е жртвата од синоќешното пукање на „Пластичарска“
-
Дачиќ: Хулигани во Белград до смрт го претепале братот на вицепремиерот на Владата на Федерацијата БиХ
-
Столтенберг: НАТО е најуспешен сојуз во историјата
-
ЦУК: Три пожари на отворено, во нива пронајдена граната
-
Повредени две лица во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани