Loading Video...
Свет
10. January 2024 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа го повика Израел да работи со умерените Палестинци и соседните земји на плановите за повоена Газа, велејќи дека тие се подготвени да помогнат во обновата и управувањето со територијата, но само ако постои „пат кон палестинска држава “.

САД и Израел се обединети во војната против Хамас, но остро поделени околу иднината на Газа, а Вашингтон и неговите арапски сојузници се надеваат да го оживеат мировниот процес на кој жестоко се противат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите коалициски партнери.

По турбулентниот понеделник и релативно мирниот вторник, земјоделците во Германија и денеска продолжуваат со протестите. Вчера вечерта штрајкуваа и машиновозачите на Германските железници.

Германските медиуми пишуваат дека денеска на земјата и се заканува „целосна парализа“ на сообраќајот.

Земјоделците не се задоволни од тоа што германската влада делумно го укина зголемувањето на даноците на сите земјоделски возила, па во понеделникот почнаа т.н. акциона недела на земјоделците, односно протест кој ќе трае една недела.

Вчера вечерта штрајкуваа и машиновозачите на Германските железници (Дојче Бан, ДБ). Штрајкот треба да трае до петок, а синдикатот на машиновозачите на Германските железници (GdL) сака со тридневен штрајк да го принуди работодавачот на отстапки во актуелните преговори за колективниот договор.

Протестот на земјоделците и штрајкот на машиновозачите се преклопуваат, но немаат врска со содржината. GdL се фокусира на барањата за плати за околу 10.000 вработени во Германските железници.

Претседателот на Еквадор Даниел Нобоа прогласи „внатрешен вооружен конфликт“ во земјата, наредувајќи им на безбедносните сили да „ги неутрализираат“ криминалните групи обвинети за ширење на екстремно насилство во оваа латиноамериканска држава. Декретот дојде откако мажи со качулки и вооружени лица го прекинаа телевизискиот пренос во живо - еден од неколкуте насилни инциденти што се случуваа низ целата земја во вторникот.

Еквадорците беа вчудоневидени додека го гледаа преземањето на преносот во живо на ТЦ телевизија од крајбрежниот град Гвајакил. Еквадорската полиција подоцна соопшти дека 13 лица се уапсени,а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата за нивните „терористички дела.