Loading Video...
Свет
19. јуни 2025 - 12:30

Преглед на вестите од светот

Нов ден - Седми со воздушни напади меѓу Израел и Иран

Израелската војска рано утрово соопшти дека извршила повеќе воздушни напади врз Иран, но ниту другата страна не мирува. Висококатниците и продавниците во Рамат Ган изгледаа сериозно оштетени утрово по серијата напади од ирански ракети, додека конфликтот меѓу двата противници влегува во својот седми ден. Сирени се слушнаа низ градот нешто  по седум часот.

Израел започна нова рунда воздушни напади насочени кон Техеран по телевизиското обраќање на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи. Нападите првенствено беа насочени кон источните и североисточните делови на градот, а гласни експлозии се слушаа низ целиот град. Стравот го зафаќа градот, а милиони жители почнаа да се евакуираат. Во своето телевизиско обраќање, Хамнеи рече дека Иран останува непоколеблив во својот конфликт со Израел и нема да се предаде на притисокот.

Нетанјаху се заблагодари на Трамп, Путин нуди да посредува

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата „поддршка во одбраната на небото на Израел“.

Трамп одобрил планови за напад врз Иран, но чека да види дали Иран ќе се откаже од својата нуклеарна програма пред да даде каква било наредба за напад, објави „Волстрит џурнал“.

Франција планира заедно со европските партнери да предложи договорено решение за прекин на конфликтот меѓу Иран и Израел, соопшти претседателството на земјата, откако претседателот Емануел Макрон претседаваше со состанок на Советот за национална безбедност.

Рускиот претседател Владимир Путин понуди да посредува во конфликтот меѓу Израел и Иран, велејќи дека Москва би можела да помогне во посредувањето за примирје што би му овозможило на Техеран да продолжи со мирна нуклеарна програма, а воедно да го увери Израел, кој се плаши за својата безбедноста.

Советот за безбедност на ОН ќе се состане в петок за да разговара за војната меѓу Израел и Иран, објави претседателот на советот, претставникот од Гвајана. По првиот, итен состанок по нападот на Израел минатиот петок, оваа втора седница ја побара Иран, со поддршка од Русија, Кина и Пакистан.

Антиовоени протести пред Белата куќа

Антивоените демонстранти се собраа пред Белата куќа во текот на вчерашниот ден за да протестираат против последната размена на ракетни напади меѓу Иран и Израел.

Демонстрантите беа со палестински и ирански знамиња и извикуваа слогани и држеа транспаренти со кои бараа крај на воените акции на САД и Израел на Блискиот Исток.

Тензиите се разгореа кога неколку контрапротестанти мавтаа со израелски знамиња, што ја натера полицијата да формира линија додека произраелските и антивоените групи се соочија во близина на оградата на Белата куќа.