Loading Video...
Свет
4. January 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Илјадници спасувачи ја продолжуваат потрагата по преживеани од земјотрес од понеделникот во Јапонија, во кој загинаа најмалку 78 луѓе, надевајќи се дека ќе спасат што е можно повеќе во рокот од три дена за преживување што завршува попладнево.

Според службите за итни случаи, стапките на преживување се намалуваат 72 часа по земјотресот. Отсечените патишта и оддалеченоста на најтешко погодените области ги отежнуваат напорите за спасување. Дополнителен проблем е лошата состојба на патиштата, затоа помошта стигнува подолго време од вообичаеното. 600 последовни потреси ги зголеми стравувањата од лизгање на земјиштето и дополнителна штета на инфраструктурата.

Повеќе од 33.000 луѓе се евакуирани од своите домови, околу 100.000 куќи се без водоснабдување, околу 30.000 домаќинства се без струја во Ишикава, а поврзувањето со мобилните услуги се уште е нестабилно во некои области.

Евакуираните најверојатно уште некое време ќе мора да живеат во навистина тешки услови. Целосниот обем на штетите и жртвите останува нејасен. Градоначалникот на Сузу, Изумија дека можеби се уништени 90 отсто од куќите.

Сите загинати кои се пријавени се во близина на епицентарот на земјотресот.

Соединетите Американски Држави не забележале дејствија кои би претставувале геноцид во Газа, изјави Метју Милер, портпаролот на Стејт департментот.

Милер го изјави ова по повод барањето на Јужна Африка до Меѓународниот суд на правдата (МСП) акциите на Израел во Појасот Газа да бидат прогласени за геноцид.

Јужна Африка бара од Меѓународниот суд на правдата да донесе привремени мерки со кои ќе му нареди на Израел да ги прекине своите воени операции во Газа, за кои вели дека се неопходни за да се спречи сериозна и непоправлива штета на правата на палестинскиот народ.

Судот закажа јавни расправи за ова прашање за 11 и 12 јануари, додека Израел истакна дека ќе се брани од сите обвиненија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе го посети Блискиот Исток, вклучувајќи го и Израел, во време на засилени дипломатски консултации фокусирани на конфликтот меѓу израелската армија и Хамас во Појасот Газа. Заедно со Блинкен во посетата на Блискиот Исток ќе биде и американскиот дипломатски пратеник Амос Хохштајн за да работи на смирување на зголемените тензии меѓу Израел и Хезболах, пренесуваат британските медиуми. Патувањето доаѓа откако во наводен израелски напад беше убиен висок лидер на Хамас во предградијата на Бејрут, што ги зголеми стравувањата од поширок конфликт.

Поларни температури во Москва. Вчерашниот ден бил најстуден од 1950 година кога биле измерени -29 степени. Метеоролошките експерти соопштија дека температурата во средата била за 14 до 15 степени Целзиусови пониска од просечната температура во јануари поради влијанијата на антициклоните. Хидрометеоролошкиот центар на Русија предвидува дека студеното време во Москва ќе го достигне врвот во четврток.

Општинската влада на Москва соопшти дека системот за греење во градот работи со полн капацитет и температурата на греењето е поставена на највисоко ниво.