Преглед на вестите од светот
Ѓуро Мацут е новиот премиер на Србија. Собранието на Србија избра нова влада со 153 гласа „за“, која ќе има 30 министри, од кои 10 се нови имиња.
Гласаа 199 пратеници, а 46 пратеници се изјаснија против.
Во своето излагање, Мацут изјави дека Србија е уморна од поделби и блокади, дека мора да се работи на хармонизирање на општеството, а хармонијата може да се изгради преку дијалог, толеранција, работа и градење систем на вредности.
Тој исто така кажа дека негов прв приоритет ќе биде нормалното функционирање на училиштата и факултетите.
Кинеските онлајн продавници „Тему“ и „Шеин“, познати по своите поволни понуди, следната недела ќе ги зголемат цените на производите поради заострувањето на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп за увозните производи со мала вредност и високите царини кои ги зголемија оперативните трошоци на компаниите.
„Поради неодамнешните промени во правилата и тарифите на глобалната трговија, нашите оперативни трошоци се зголемија. Со цел да продолжиме да ги нудиме производите што ги сакате без да го загрозиме квалитетот, ќе ги прилагодиме нашите цени почнувајќи од 25 април 2025 година“, се вели во соопштението на двете компании.
Американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Доналд Трамп, за Блискиот Исток, Стив Виткоф денеска во Париз ќе се сретнат со европски претставници за да разговараат за напорите за запирање на војната во Украина. На состаноците ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот министер за надворешни работи. Европските дипломати рекоа дека ќе ги повикаат САД да извршат поголем притисок врз Русија за да се издејствува безусловен прекин на огнот.
Русија синоќа изврши нов масовен напад со дронови врз градот Днипро, на југоистокот на Украина, гувернерот на регионот извести дека во нападот загинале две жени, а според она што досега е познато, повредени се 16 лица.
Меѓу повредените, има и три деца, од кои едно девојче на возраст од само девет месеци и две момчиња на возраст од шест и 11 години.
Пет лица во моментот се пренесени на болничко лекување.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар