00:00           
00:00
 
00:00
         
 
 
Свет
31. March 2025 - 12:16

Преглед на вестите од светот

Земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала се случи рано наутро во близина на островската држава Тонга во Тихиот Океан, што ја натера владата да издаде кратко предупредување за цунами и да ги советува жителите да се евакуираат.

Тонга е составена од 173 острови со население од нешто повеќе од 100.000 луѓе, од кои повеќето живеат на главниот остров Тонгатапу, кој е оддалечен околу 100 километри од епицентарот.

Кинески спасувачки тим утрово по локално време успешно извлече дете, а нешто подоцна и бремена жена од урнатините на Скај Вила во Мандалај во Мјанмар. Спасеното дете било заробено повеќе од 60 часа по разорниот земјотрес, додека спасувачите информираат дека детето во моментот на спасувањето било во стабилна состојба со нормални витални знаци.

Спасувачките тимови во Мандалеј се во борба со времето за да стигнат да спасат што е можно повеќе луѓе. Покрај тоа, мисијата за пребарување и спасување е отежната со честите последователни потреси и тешкиот колапс на зградите, кои претставуваат значителен ризик и за затрупаните поединци и за спасувачкиот персонал.

Според Државниот административен совет на Мјанмар околу 1.700 луѓе се водат загинати, 3.400 биле повредени, а 300 како исчезнати во големиот земјотрес.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во интервју за Ен-би-си (НБЦ) изјави дека е „многу изнервиран“ и оти е „бесен“ на рускиот претседател Владимир Путин и се закани дека ќе воведе нови царини на руската нафта. Тој истакна дека царините за Русија би можеле да бидат воведени во рок од еден месец доколку не се постигне договор за прекин на огнот. Трамп додаде дека Путин знае дека е лут, но оти и покрај тоа тие имаат „многу добри односи“ и „лутината брзо исчезнува … ако ја направи вистинската работа“.

Тој најави дека следните денови ќе разговара со Путин.

Новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен на Фејсбук одговори на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе ја преземат контролата врз островот.

- Дозволете ми да бидам јасен: САД нема да го сторат тоа. Ние никому не припаѓаме. Ние сами одлучуваме за нашата иднина, посочи Нилсен.

Трамп во интервју за Ен-би-си (НБЦ) наведе дека САД 100 отсто ќе ја преземат контролата врз Гренланд, додавајќи оти постои „добра можност“ тоа да се постигне без воена интервенција.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за време на посетата на американската воена база Питуфик на 28 март изјави дека Данска го занемарува островот и на Гренланд би му било подобро со САД.