Loading Video...
Свет
11. March 2025 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Стотици демонстранти од доцна синоќа почнаа со блокада на јавниот сервис на Србија РТС во Белград, протестирајќи против начинот на кој беше дефинирано студентското движење против корупцијата за време на телевизиска програма. Според демонстрантите, блокадата ќе трае 22 часа, а почна синоќа околу 22:30 часот.

Во рамки на медиумската блокада, демонстрантите им дозволуваат само на вработените да излезат, но не и да влезат во зградата. Имаше кратки судири меѓу демонстрантите и полицијата, во кои е повреден еден полицаец, соопшти МВР. Тие додадоа дека органите на редот нема да интервенираат против демонстрантите кои ги блокираат влезовите во зградата доколку не дојде до насилно преземање на јавните институции и јавните медиуми.

Блокади беа организирани и пред Радио-телевизија Војводина и Телевизија Крагуевац.  Протестите почнаа откако новинарка на РТС ги оквалификува студентите во блокада како – „орда“ (rulja).

Инаку, Претседателот на Србија, Александар Вучиќ беше гостин во Дневникот на РТС, а потоа во текот на вечерта го посети и повредениот полицаец.

Украинските сили што се борат во руската Курска област не се изложени на ризик од опколување, и покрај неодамнешната руска контраофанзива во која учествуваа и севернокорејски војници, изјави главниот командант на украинската армија Олександр Сирски. Тој изјави дека ги посетил украинските трупи во Курската област, не прецизираше дали навистина влегол на руска територија, но нагласи дека ситуацијата е под контрола. Синоќа, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили повторно зазеле три населени места во Курската област.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија.Тој ќе се сретне со саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, пред утрешната официјална средба меѓу делегациите на Украина и САД. Притоа напомена дека новите одбранбени пакети, зајакнувањето на противвоздушната одбрана и дополнителните инвестиции во одбранбената индустрија се клучни чекори кон мирот. Тој нагласи дека силните позиции на фронтот мора да бидат поддржани со ефикасна дипломатија за да се постигне траен и праведен мир.

Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Саудиска Арабија во пресрет на утрешните преговори со украинските претставници. Тој објасни дека американската делегација ќе биде во „режим на слушање“ и дека очекува да добие „генерална слика“ за тоа на какви отстапки е подготвена Украина.

- Нема да има прекин на огнот и крај на оваа војна доколку двете страни не направат отстапки, рече Рубио.