Преглед на вестите од светот
По бурниот вчерашен ден во Собранието на Србија и настанатиот хаос со димни бомби и прекини, седницата е највено дека ќе продолжи денеска според дневниот ред. За време на нередите повредени се три пратенички, а пратениците на опозицијата за време на седницата потоа правеа бука со вувузели.
Полицијата направи проверки и утврди дека јавувањето за бомба во Собранието било лажно. Последна точка на дневниот ред е предлогот за разрешување на претседателката на Народното Собрание, Ана Брнабиќ, а на оваа седница треба да биде констатирана и оставката на премиерот Милош Вучевиќ.
Американскиот претседател Доналд Трамп ноќеска го имаше својот прв говор во Конгресот откако ја презеде функцијата на 20 јануари. Трамп зборуваше во Претставничкиот дом, светските лидери внимателно го следеа неговиот говор еден ден откако тој ја прекина сета воена помош за Украина. Тој рече дека добил писмо од украинскиот претседател Володимир Зеленски во кое украинскиот лидер изразува подготвеност да дојде на преговарачка маса за руско-украинската војна.
Трамп, исто така, рече дека Украина е подготвена да потпише договор за минерали и ја поздрави одлуката на Зеленски за подобрување на односите.
Десетици демонстранти се собраа пред американскиот Капитол мавтајќи со знамиња на Украина, пред пристигнувањето на Трамп. Се очекува америкнскиот претседател дополнително да ги изложи своите планови за Украина и Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа рече дека му наложил на својот министер за одбрана и на други официјални лица да бараат прецизни информации за воените резерви, откако Соединетите Држави објавија дека ја прекинуваат помошта. Тој рече дека одржувањето „нормални, партнерски односи со Америка е од клучно значење за вистинскиот крај на војната. Никој од нас не сака бескрајна војна“
Зеленски, исто така, рече дека жали за минатонеделниот вонреден судир во Овалната соба со Доналд Трамп и дека сака „да ги исправи работите“, додавајќи дека Киев е подготвен да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар