Loading Video...
Свет
25. February 2025 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Трамп на средбата со Макрон изјави дека со Путин разговараат за мировен договор во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничката прес-конференција со неговиот француски колега Емануел Макрон во Белата куќа, изјави дека неговиот тим постојано комуницира со рускиот претседател Владимир Путин во обид да постигнат мировен договор за Украина. Тој потсети дека еден од првите телефонски повици што ги остварил по доаѓањето на функцијата бил со рускиот претседател Владимир Путин, повторувајќи ја својата неодамнешна изјава дека рускиот лидер сака крај на војната.

Според него, работата на договорот е во тек, и иако би претпочитал директен договор, примирје би можело да се постигне побрзо. Воедно Трамп тврди дека рускиот претседател Владимир Путин ќе прифати европски мировни сили во

Украина откако ќе заврши војната, иако Кремљ повеќепати нагласуваше дека се спротивставува на таква можност.

Макрон пак изјави дека подолго време не разговарал со рускиот лидер, но со новата администрација во САД гледа „нов контекст“ и „можност за повторно вклучување“ во дипломатските напори. Францускиот претседател истакна дека „повторниот ангажман на САД создава неизвесност за Путин“ и додаде дека Франција е подготвена да ѝ даде „безбедносни гаранции на Украина“ во овој критичен момент.

Украинскиот парламент не ја изгласа резолуцијата за поддршка на Зеленски

Украинскиот парламент не успеа да изгласа резолуција со која се потврдува легитимитетот на претседателот Володимир Зеленски, откако на седницата не доби доволно гласови за усвојување таков документ, јави ДПА. На специјалната седница на Врховната рада, свикана по повод третата годишнина од руската инвазија, резолуцијата доби 218 гласови, осум помалку од потребните 226.

Од присутните пратеници, 54 не учествуваа во гласањето, меѓу кои 38 членови од партијата „Слуга на народот“ на Зеленски. Документот беше предложен како симболичен чин на поддршка за Зеленски, чија легитимност е оспорувана од Русија, а неодамна и од некои претставници на САД.

Во резолуцијата се наведува дека Зеленски бил избран на „слободни, транспарентни и демократски избори“ и дека неговиот мандат „не е доведен во прашање од украинскиот народ или парламентот“.