Преглед на вестите од светот
Предвремени избори во Германија. Германците избираат 630 пратеници за новиот состав на Бундестагот.
Се уште е неизвесно кој би можел да ја формира новата Влада, но според последните предизборни истражувања, најголема поддршка се очекува да добие Унијата ЦДУ/ЦСУ. Извесно е дека канцеларот Олаф Шолц ја губи власта со оглед на тоа што ја загуби довербата во ноември по неколкумесечни спорови во коалицијата.
Екстремно-десничарската АФД и покрај тоа што се очекува да добие голема поддршка, сепак, таа ќе остане изолирана од останатите политички партии.
Во пресрет на изборите економијата и мигрантските прашања беа во фокусот на јавноста, што практично беше и причина за предвремените избори.
- Од моја гледна точка важно е да се врати смиреноста и да најдеме линија заедно со сите партии, а Германија да го добие статусот кој го имаше, но да се врати и безбедноста.
Без разлика кој ќе ја формира новата Влада, не се очекуваат големи проблеми во политиките на Берлин како што тоа се случи по изборите во САД и доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Обвинение против петмина по вчерашните протести во Софија на кои беше запалена вратата на седиштето на Европската комисија во бугарската престолнина. Еден од нив е малолетник, а се товарат за хулигански дејствија.
Вчерашните протести на политичката партија „Преродба“ почнаа мирно, но атмосферата се разгоре кога масата пристигна пред административната зграда на ЕУ. Во судирот со полицијата повредени се и полициски службеници, а шестмина беа уапсени, меѓу кои и еден пратеник во Народното собрание.
Молитва во Ватикан за папата кој се уште е во критична состојба.
- Го чувствуваме папата Франциск близу до нас иако тој е во болнички кревет. Го чувствуваме неговото присуство меѓу нас, тоа не принудува да ја направиме нашата молитва уште посилна и поинтензивна, за Господ да го поддржи во ова време на искушенија и болест.
Голем број верници го посетија Ватикан.
- Јас сум многу многу тажна. Не знам како да продолжам нормално во овој мкомент. Ќе останам на молитва, сите наши молитви се со него. За мене, тој е посебен човек. Навистина немам зборови.
Папата Франциск се уште е во болница во критична состојба, а вчера имал мирна ноќ. 88-годишникот беше хоспитализиран пред 10 дена поради проблеми со белите дробови.
Во пресрет на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, претседателот Володимир Зеленски рече Украина го претрпела најголемиот воздушен напад од Москва. Според него, Русија нападнала со 267 дронови, а за една недела Украина била цел на над 1.100 напади со дронови, 1.400 бомби и 35 ракети од различен тип.
Русија и САД веќе договорија нова средба на нивните претставници, но таа средба ќе се одржи во трета земја. САД се очекува да достави предлог-резолуција до Обединетите Нации со која Руија не е именувана како агресор во војната во Украина, и во која според германската агенција ДПА, не повикува на повлекување на руските трупи од украинска територија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар