Loading Video...
Свет
13. February 2025 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Министри за надворешни работи на неколку земји-членки на Европската Унија на состанокот во Париз ја потврдија својата поддршка за Украина. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски изјави дека Полска ќе продолжи непоколебливо да ја поддржува Украина и да ги зајакне санкциите пред потенцијалните разговори со Русија. Шефовите на дипломатиите на Шпанија, Германија и Франција во Париз повторија дека ниту една одлука за Украина не може да се донесе без Киев и без учество на Европејците, во момент кога претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, се согласија на „непосредни“ преговори за Украина.

Овој состанок се одржа по телефонски разговор кој траеше повеќе од еден час меѓу претседателите на САД и Русија, при што според Белата куќа, двајцата лидери се согласија да започнат „веднаш“ преговори за завршување на конфликтот во Украина. 

Трамп изјави дека е можна средба со Путин во Саудиска Арабија во блиска иднина, при што двајцата се согласиле веднаш да почнат мировните разговори за Украина. Кремљ го потврди разговорот и додаде дека Путин го поканил Трамп во Москва зашто дошло време да работат заедно. 

И украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека разговарал со Трамп за „траен, одржлив мир“. Тој денеска ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио за време на Минхенската безбедносна конференција.

Српските студенти маршираат пеш до Крагуевац во централна Србија упатувајќи се на големиот национален протест закажан за 15 февруари.

Демонстрантите, опремени со ранци, термоси, а во некои случаи и опрема за планинарење, храбро ги издржаат студените временски услови, а добиваат поддршка од локалното население каде што се движат.  Две групи студенти ќе поминат растојание од приближно 150 километри во текот на четири дена, марширајќи од Белград и Ниш, за да се соберат во Крагуевац на антивладини протести. Протестот, закажан за 15 февруари, ја одбележува годишнината од првото српско востание против Турците и потпишувањето на уставот во Крагуевац во 1835 година.