Преглед на вестите од светот
Стотици жители на Санторини се качуваат на траект за Атина во раните утрински часови денеска откако десетици потреси го погодија грчкиот остров четврти ден.
Земјотреси, се случуваат на неколку минути некои со магнитуда над 4 степени. На луѓето им беше препорачано да бидат надвор од затворените простори и малите пристаништа. Единиците за одговор при катастрофи се распоредени на терен како мерка на претпазливост.
Потреси се забележани меѓу вулканските острови Санторини и Аморгос во Егејското Море од петокот принудувајќи ги властите да ги затворат училиштата во Санторини и блиските Иос, Аморгос и Анафи до петок. Сеизмичката бура на Санторини не престанува. Познатиот грчки остров во последните 72 часа го погодија дури 39 земјотреси посилни од четири степени според Рихтеровата скала.
Како што пренесува грчкиот портал „Прототема“, овој остров во Егејското Море го напуштиле околу 9.000 туристи и жители кои стравуваат дека овие земјотреси се увертира за катаклизмичен удар. Експертите велат дека сеизмичката активност на островот, чиишто најнаселени области се сместени на стрмни карпи, ќе продолжи со недели.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отпатува за Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Средбата меѓу двајцата лидери, исто така, има за цел да ги подготви следните преговори меѓу Израел и палестинската исламистичка групација Хамас за продолжување на примирјето во Газа.
Медиумите наведуваат дека Нетанјаху одлучил да го одложи испраќањето на преговарачкиот тим во Катар за разговори за втората фаза до неговиот состанок со Трамп. Тој претстојот во САД ќе го продолжи до сабота навечер.
Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид во понеделникот изјави дека преговорите за втората фаза треба да започнат што е можно поскоро. Откако стапи на сила примирјето на 19 јануари, Хамас ослободи 18 заложници во замена Израел да ослободи стотици Палестинци од своите затвори.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар