Преглед на вестите од светот
Милановиќ, кој беше поддржан од партијата СДП и коалицијата, победи по вториот круг на претседателските избори. Според хрватската Државна изборна комисија, по обработени 99,59% избирачки места, Милановиќ освои 74,67% од гласовите, а кандидатот на ХДЗ и коалицијата, Драган Приморац 25,33%.
Повикувајќи се на резултатите од изборната комисија, Милановиќ има 700.000 гласови повеќе од Драган Приморац, кој освои 379.201 глас, со што го постигна најлошиот резултат во вториот круг од претседателските избори. Приморац, не му ја честиташе победата на неговиот противкандидат Зоран Милановиќ.
Десетици илјади антивладини демонстранти во Белград синоќа ги вклучија светилките на своите мобилни телефони и стоеја во тишина 15 минути во знак на сеќавање на жртвите од уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад за што ги обвинуваат властите.
Протестот го организираа и водеа студенти на државниот универзитет во Белград, кои бараат одговорните за уривањето на покривот да бидат изведени пред лицето на правдата. Тие ја обвинуваат владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ за корупција и непотизам, што тој и партијата го негираат.
Студентите на државните универзитети во Белград, Крагуевац и Ниш со недели ја блокираа наставата за да побараат објавување на сите документи релевантни за реновирањето на станицата, како и кривично гонење на службениците одговорни за катастрофата. Тие секојдневно го блокираат сообраќајот пред нивните факултети по 15 минути за да им оддадат помен на 15-те жртви.
Националната метеоролошка служба на САД во неделата предупреди дека долгото суво време и силните ветрови во Јужна Калифорнија ќе ги попречат напорите за гаснење пожари. Според последните информации бројката на жртви порасна на 24, а бројката се очекува да биде и поголема од причина што има и исчезнати лица.
Екстремно сува вегетација, во комбинација со пролонгирани временски услови за пожар, може да предизвика брзо ширење и на новите и на постоечките шумски пожари, што дополнително ќе ја влоши состојбата. Окрузите Лос Анџелес и Вентура издадоа предупредување со црвено знаме до средата навечер, што укажува дека локалните временски услови може да доведат до екстремен ризик од пожар.
Метролошката служба предвидува пониски температури, зголемена влажност и евентуално слаб дожд до следниот викенд, што може да помогне во ублажување на условите за пожар. Во зоната за евакуација живеат приближно 200.000 луѓе. Пријавени се 105 пожари, кои зафатиле повеќе од 163 квадратни километри.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар