Loading Video...
Свет
25. November 2024 - 12:42

Преглед на вестите од светот

Товарен авион Боинг 737-400 што пренесувал нарачки и летал од германскиот град Лајпциг кон главниот град на Литванија – Вилнус, се урна врз двокатна куќа. Несреќата се случила на околу 4 километри од аеродромот во Вилнус.

Спасувачките екипи реагирале на местото на настанот. Од урнатините на авионот извлекле еден од двајцата пилоти, кој бил жив и свесен, но по неколку минути починал од повредите здобиени во несреќата. Инцидентот бил пријавен во спасувачките екипи во 5:28 часот, локално време.

Авионот се приближувал до аеродромот во Вилнус за да слета таму кога се случила несреќата.

Моторот на патнички авион од руско производство се запалил по слетувањето на аеродромот во Анталија во текот на ноќта соопшти турското Министерство за транспорт. Од таа причина слетувањата на аеродромот биле прекинати до три часот по полноќ по локално време, додека авионот не бил отстранет од пистата. Сите 89 патници и шест членови на екипажот се безбедно евакуирани од патничкиот авион Сухој Суперџет со 100 седишта, кој допатувал од руското црноморско одморалиште Сочи.

Поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека не очекува брз крај на војната меѓу Украина и Русија кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата. Во разговорот Кулеба истакна дека има три клучни причини за неговата оценка: решеноста на претседателот Володимир Зеленски да не отстапи под притисок, неподготвеноста на Украина да се согласи на брзо решение и фактот дека клучот за мирот лежи во Москва, а не во Киев.

Според него, решението на конфликтот зависи од тоа што би можел да прифати рускиот претседател Владимир Путин за да постигне прекин на огнот, а не од отстапките од Украина. Кулеба нагласи дека одговорноста за завршување на војната е на страната што ја започнала и дека Украина нема да се согласи на еднострани отстапки.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, за време на синоќешната посета на една болница во Бејрут ја истакна итноста од прекин на огнот.  Борел се сретна со медицинскиот персонал и пациентите и ги посети објектите во болницата Геитауи во Бејрут, каде што се лекуваат некои жртви од израелските напади.

Израелската војска предупреди на социјалните мрежи дека планира да ги гаѓа објектите на Хезболах во јужен Бејрут притоа соопшти дека ги погодила командните центри „намерно вградени меѓу цивилните згради“.