Преглед на вестите од светот
Над 158 милиони Aмериканци денеска ќе го избираат новиот претседател на САД, додека повеќе од 75 милиони веќе го искористија правото за предвремено гласање. Ова се 60-ти претседателски избори по ред.
Харис, актуелната демократска потпретседателка и Трамп, републиканскиот поранешен претседател, кој бара втор четиригодишен мандат, ги поминаа последните френетични недели од кампањата, изнесувајќи ги своите ставови пред гласачите во седумте критични држави кои веројатно ќе го одлучат победникот.
Според анкетите, ниту еден од кандидатите во државите Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Џорџија, Северна Каролина, Невада и Аризона нема значајно статистичка предност, што ја засилува високата неизвесност. Како опција постои можност резултатот да биде и нерешен.
Но, правните и политичките аналитичари предупредуваат дека постои голема веројатност дека може да поминат неколку денови, па дури и недели, пред да се знае следниот претседател. Околу 240 милиони луѓе имаат право да гласаат на изборите, кои исто така ќе одлучуваат за составот на двата дома на Конгресот: Претставничкиот дом и Сенатот. Која партија ги контролира нив ќе има големо влијание врз агендата на политиката на идниот претседател.
Жителите на малиот град Доксвил Нотч во Њу Хемпшир се првите кои гласаат на изборите. Харис и Трамп добија по три гласови, во местото кое со децении го започнува денот на изборите во првата минута во вторник – неколку часа пред отворањето на гласачките места во остатокот од земјата.
Изборните закони во Њу Хемпшир им дозволуваат на општините со помалку од 100 жители да ги отворат гласачките места на полноќ и да ги затворат кога сите регистрирани гласачи ќе ја исполнат својата граѓанска должност.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека денеска ќе поднесе оставка, по несреќата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 14 лица, а тројца се тешко повредени, јави РТС.
- До сега не се огласив од почит кон жртвите и нивните семејства. Оставка поднесов истиот ден кога се случи несреќата во Нови Сад. Поднесувам оставка како одговорен човек, не можам да прифатам одговорност за несреќата што се случи, а сигурен сум дека истрагата ќе утврди дека никој од луѓето со кои работам не е одговорен, рече Весиќ. Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјавил дека ќе ја прифати оставката на Весиќ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 11,000 севернокорејски војници се распоредени во рускиот регион Курск за да ја поддржат руската армија во обид да ги потиснат украинските сили кои навлегоа во оваа погранична територија. Тој неколку пати зборуваше за пристигнувањето на севернокорејските војници и бара од своите сојузници да и помогнат на Украина пред да пристигнат севернокорејските трупи распоредени во Русија на бојното поле.
Белата куќа минатиот четврток соопшти дека околу 8,000 севернокорејски војници сега се во рускиот регион Курск, на самата граница со Украина и се подготвуваат да му помогнат на Кремљ во војната против Киев
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар