Loading Video...
Свет
31. July 2024 - 16:32

Преглед на вестите од светот

Голем пожар изби во близина на хрватското крајбрежје. Пожарникарите цела ноќ се бореа со пламените јазици во градот Тучепи кај Сплит. Куќите беа спасени на среќа, рече локален пожарникар.
„Куќите беа спасени од чиста среќа, цистерните речиси летаа на сите страни бидејќи целиот град беше зафатен од пожар. Иако ѕидовите беа веќе оштетени, а покривите беа целосно изгорени од пламените јазици, успеавме да ги спасиме куќите благодарение на брзо пристигнување на неколку цистерни Во последната секунда се беше одбрането“ – Младен Мијачка, пожарникар
Во пожарот нема повредени.

„И покрај пожарот кој се случи ноќе, кога воздухопловните сили и канадерите не можеа да летаат и да го изгаснат, сите вложија максимални напори. За среќа, ниту пожарникарите ниту жителите не се здобија со повреди“ -  Бобан Блаженко

A додека пожарникарите неуморно го гасеа пожарот во Суто Море во Црна Гора, а локалните жители стравуваа за своите имоти, се појави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како расположени луѓе играат оро а огнот дивее во позадина. 

Пожарникарите во Бугарија беа приморани да престанат со гаснењето на шумскиот пожар близу грчката граница, откако експлодираа мини и ги загрозија нивните животи.  Приземјен е и хеликоптерот. На помош во Бугарија се пристигнати француски противпожарни авиони.

Борба со огнените јазици има и во неколку шпанските провинции, а стотици пожарникари се ангажирани и во Колорадо, каде пожарот се прошири на 5 илјади хектари.

Убиен е лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, откако присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на Иран. Започната е истрага, а резултатите ќе бидат објавени наскоро. 
Неофицијално, медиумите пренесуваат дека резиденцијата на Ханије во Техеран била погодена со ракета.

Американскиот државен секретар Блинкен не сакаше да коментира какви ефекти би можело да има врз настаните наБлискиот Исток.

„Нема да шпекулирам какво влијание може да има некој настан врз договорот за прекин на огнот. Научив во текот на многу години никогаш навистина да не шпекулирам за тоа затоа што едноставно не знаеме. Она што го знам е трајниот императив за постигнување прекин на огнот. И она што го знам е дека ќе продолжиме да работиме на тоа секој ден“ – Ентони Блинкен, Американски државен секретар

Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, изрази сочувство велејќи дека одмаздата е должност на Техеран. Военото крило на Хамас предупреди дека Израел скапо ќе плати за агресијата. Убиството на Ханије го осудија и Русија и Турција.

По атентатот, Израел најави дека ќе ја зајакне безбедноста на своите спортисти на Олимписките игри во Париз.

Русија ја започна третата фаза од вежбите за распоредување на нуклеарно оружје.

Војниците ќе обучуваат како да распоредат лажни боеви глави за оперативните и тактички ракетни системи и тајно да ги преместуваат на локации за лансирање.

Русија вели дека САД и нивните европски сојузници го туркаат светот на работ на нуклеарна конфронтација давајќи и на Украина оружје во вредност од милијарди долари.