Loading Video...
Свет
1. July 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Две деца од вкупно пет жртви го загубија животот по напад со беспилотно летало во руската област Курск во близина на границата со Украина, објави регионалниот гувернер Алексеј Смирнов на Телеграм. 
Погодена е куќа во селото Городиште во Рилската околија, а двајца други членови на семејството, се во тешка состојба. Сообраќајот по Кримскиот мост бил во прекин околу еден час рано утринава и сега вкупно околу 600 автомобили се собрани од двете страни на мостот. Руското Министерство за одбрана соопшти дека се уништени шест украински беспилотни летала над неколку руски региони, вклучувајќи ги Тверската, Белгородската и Брјанската област, како и над Крим. 

Според неофицијалните резултати од парламентарните избори во Франција, екстремно десничарската партија Национален собир е голем победник во првиот изборен круг со 33,5 отсто освоени гласови, што значи дека партијата би можела да обезбеди меѓу 240 и 270 пратениците во новото свикување на Народното собрание во анализата на агенцијата Ифоп.

Таа партија, чиј лидер е Жордан Бардела, не би имала апсолутно парламентарно мнозинство, но би можела да освои најмалку 150 парламентарни места повеќе отколку по изборите во 2022 година, пренесува Фигаро. Новиот Народен фронт со 28,5 отсто од гласовите ќе има меѓу 180 и 200 пратеници, пред политичката коалиција на Макрон која освои 22,1 отсто од гласовите и може да обезбеди меѓу 60 и 90 пратеници.
Неизвесноста ќе трае до 7.јули кога ќе се одржи вториот круг, но илјадници незадоволни граѓани уште во текот на вчерашниот ден и во ноќта протестираа. Демонстрации против француската крајнодесничарска партија Национален собир, повикани од крајната левица, доцна синоќа се претворија во судири со полицијата и немири во центарот на Лион, јавија француските медиуми.

Грчките пожарникари се борат со шумскиот пожар јужно од Атина. Голем проблем им создава и силниот топол ветер. Како поддршка во гасењето на десетиците пожарникари се и 17-те авиони кои помагаат со истурање вода. 

Шумските пожари се вообичаени во медитеранската земја, но станаа поразорни во последниве години бидејќи летата се потопли, суви и ветровити, што научниците го поврзуваат со ефектите од климатските промени.

Високите температури од 40 степени се проблем за туристите и жителите на Сицилија каде е прогласена портокалова фаза. Земјите околу Медитеранот се под влијание на високи температури со пожари од Португалија до Грција и долж северниот брег на Африка во Алжир.