Преглед на вестите од светот
Ноќеска прекина примирјето меѓу Израел и Хамас. Израелската војска ја обвини палестинската воена организација дека го прекршила договорот за мир, по што изврши ракетни напади врз територијата на Газа. Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бењамин Нетањаху, се вели дека ХАМАС истрелал ракета кон израелска територија непосредно пред крајот на примирјето.
Истовремено, Израелците ги предупредуваат и жителите на градот Кан Јунис да се евакуираат преку граничниот премин Рафа. Причина за тоа се најавите дека копнената офанзива на израелската армија може да се прошири и во тој дел од енкалавата. Портпаролот на израелските одбранбени сили Дорон Шпилман утрово информираше дека главна цел е уништување на ХАМАС, и дека се додека не се оствари таа цел, акцијата нема да зварши.
Утрово, палестинското министерство за здравство информираше дека само во првите напади на израелската војска, утрово се убиени 32 Палестинци.
Во меѓувреме, Катар продолжува со обидите за обновување на примирјето. Министерството за надворешни работи на оваа земја преку соопштение информираше дека последните напади на Израел врз Палестина дополнително ја искомпликувале ситуацијата и може да предизвикаат уште поголема хуманитарна катастрофа.
Катар досега успешно посредуваше во договорот меѓу Израел и Хамас за да стапи на сила прекинот на огнот, со кој беа ослободени заложниците кои ги држеше милитантната група, но и палестинските затвореници по израелските затвори.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја посети базата на воздухопловните сили и повика на подготвеност на војската да одговори на секоја провокација од непријателите, објави утрово северно корејската национална телевизија. Претставувајќи оперативни стратешки насоки за подобрување на подготвеноста на војската и воените способности, порача дека војската на заканите од непријателот мора да реагира веднаш и насилно.
Тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија откако Северна Кореја лансираше воен сателит во орбитата минатиот месец, кој има за цел набљудување на границата со Јужна Кореја. Ова ги натера властите во Сеул да ја суспендираат клучната клаузула од меѓукорејскиот воен договор од 2018 година. Во меѓувреме Јужна Кореја и САД воведоа и дополнителни санкции кон Пјонгјанг. Северна Кореја пак најави дека на ваквите потези ќе одговори со лансирање на уште воени сателити.
-
Бранислав Јанески
Сите содржини од овој новинар