Loading Video...
Свет
2. April 2024 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Седуммина хуманитарни работници се убиени во Газа во израелски воздушен напад. Организацијата Светска централна кујна (ВЦК) соопшти дека меѓу загинатите има државјани на Австралија, Полска и Велика Британија.

Основачот Хосе Андрес изјави дека тие биле убиени во напад на Израелските одбранбени сили, од каде што кажаа дека спроведуваат истрага. Загинатите биле дел од конвој кој бил погоден додека напуштал складиште во централна Газа, во кое се истоварени повеќе од 100 тони хуманитарна помош која пристигна по морски пат.

Извори од палестинските лекарски служби кажаа дека работниците носеле панцири со логото на ВЦК, организација која доставува храна за илјадници луѓе во Газа. Меѓу загинатите се и палестински возач и двоен државјанин на САД и Канада.

Организацијата по нападот, објави дека моментално ги прекинува своите операции во регионот.

Израелската војска соопшти дека во последната операција во болницата Шифа во Газа биле уапсени над 900 осомничени.

Портпаролот Даниел Хагари информира дека над 200 борци на Хамас се убиени, а од 900 уапсени „над 500 се потврдени членови на милитантната организација и палестински Исламски џихад, вклучувајќи високи команданти, разузнавачи и оперативци“.

Во израелски воздушен напад во понеделникот беше срамнет конзулатот на Иран во сирискиот главен град Дамаск, при што загинале неколку луѓе, вклучително и висок ирански командант, објавија сириските и иранските медиуми.

Нападот може да сигнализира натамошна израелска ескалација во нападот на иранските воени личности, но Израел рече дека нема коментар за извештаите за нападот во Дамаск.

Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета кон Јапонското Море, а проектилот падна во водите надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, соопшти јапонското Министерство за одбрана.

Ракетата беше истрелана во 6:52 часот по локално време, јавува агенцијата Кјодо.

Нема извештаи за штета на авиони или бродови.

Јапонската влада протестираше до Северна Кореја, изјави премиерот Фумио Кишида, додавајќи дека лансирањето на балистичката ракета е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.