Loading Video...
Свет
1. April 2024 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Главната опозициска партија во Турција прогласи победа во двата најголеми град Истанбул и Анкара на локалните избори што вчера се оддржаа во земјата, јавуваат светските медиуми. Голем број поддржувачи на опозицијата синоќа се собраа пред градското собрание во Истанбул со знамиња и транспаранти со сликата на Екрем Имамоглу покрај основачот на модерна Турција Кемал Ататурк

Актуелниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој првиот градоначалнчки мандат го освои во 2019 година,оствари втора победа со неговата секуларна опозициска партија ЦХП (Републиканска народна партија).

Резултатите од локалните избори, како што објави Би-би-си, претставуваат значаен удар за владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој се надеваше дека ја врати контролата врз овој град за помалку од една година. Тој лично ја водеше кампањата за изборите во Истанбул, каде што порасна и го почна својот политички пробив токму како градоначалник на овој град. 

Главната опозициска партија, како што се наведува е на пат да победи и во други големи градови во земјата, вклучувајќи ги Измир, Бурса, Адана и Анталија.  Седумдесетгодишниот претседател на Турција, призна дека изборите не поминале како што се надевал, но во обраќање до неговите поддржувачи рече дека тоа не значи „крај за нас, туку пресвртница“.

Меѓународната полициска организација Интерпол распиша жолта потерница поради исчезнување на двегодишното девојче од Србија Данка Илиќ.

На веб-страницата на организацијата се наведува дека девојчето може да се препознае по висечката брадавица на левото уво, како и бенка со неправилна форма и малку темна боја на левата надлактица. Освен тоа, се вели дека девојчето е високо околу 85 сантиметри, со кафена коса и кафени очи.

Жолта потерница се издава во случај на потрага по исчезнати лица или со цел да се идентификува лице кое не може да се легитимира.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна во вторникот во Бањско поле кај Бор.

САД и Израел денеска ќе одржат виртуелен состанок на кој ќе разговараат за плановите на израелските вооружени сили за офанзива против градот Рафа во Појасот Газа, јави , информативниот сајт „Аксиос“, кој се повикува на тројца претставници на Израел и САД.

Се очекува наскоро ќе се одржи и лична, физичка, средба на претставниците на двете земји. Меѓународната заедница, вклучително и САД, бара Израел да најде алтернативи за планираната копнена операција во Газа, стравувајќи од уште поголема хуманитарна катастрофа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (74) се опоравува по итната операција. Премиерот на Израел „е во добра форма “, додаде неговиот кабинет.Тој беше подложен на операција откако еден ден претходно открил хернија за време на рутински преглед.

Хируршка интервенција беше извршена синоќа во Ерусалим, додека се одржуваа протести против неговата влада и беа собрани илјадници луѓе, додека премиерот не закрепне, владата ќе ја води неговиот заменик, министерот за правда Јарив Левин.

Демонстрантите бараа ослободување на заложниците и предвремени парламентарни избори.