Loading Video...
Свет
22. March 2024 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Зеленски: Русите нѐ нападнаа со 60 дрона и 90 ракети

Во текот на ноќта руските сили ја нападнаа Украина со повеќе од 60 беспилотни летала Шахед и речиси 90 проектили од различен тип, информираше украинскиот претседател. На удар биле регионите Запорожје, Харков, Лавов и Дњепропетровск. Зеленски рече дека се погодени електрани и мрежа за снабдување со електрична енергија, хидроцентрали, обични станбени згради, дури и тролејбуси. По нападите многу градови останаа без електрична енергија додаде украинскиот лидер. Според извештаите на украинските медиуми, во нападот во регионот Запорожје загинало најмалку едно лице а 14 се повредени. Во Брисел, лидерите на ЕУ се согласија дека приходите од руските средства замрзнати во ЕУ треба да се користат за доброто на Украина бидејќи се спротиставува на руската инвазија. Нивната декларација предвидува „можност за финансирање воена поддршка“ со користење на запленетите приходи. Русија пак пријави украински напад во регионот Белгород, при што загинала една жена. Во гранатирањето според гувернерот Вјачеслва Глатков оштетени се три здравствени установи и неколку станбени објекти.

 

Блинкен во Израел на средба со Нетањаху

Американскиот државен секретар пристигна во Израел. Ентони Блинкен со премиерот Бенјамин Нетанјаху и со воениот кабинет на Израел ќе разговара за итен прекин на огнот и за најавената израелска офанзива во Рафах, соопшти Стејт департментот. Советот за безбедност на ОН вечерва ќе гласа за нацрт-резолуцијата на САД со која се бара итен прекин на огнот во Газа и договор за заложници помеѓу Израел и Хамас. Резолуцијата означува заострување на ставот на Вашингтон кон Израел. Претходно Американците ставија вето на две нацрт резолуции кои повикуваа на итен прекин на огнот во Газа.